СДСМ и Народна банка во клинч околу принудниот управник на Алта банка
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ, денеска на прес-конференција изјави дека во именувањето на принудниот управник на Алта банка има конфликт на интереси. Нарадоната банка тоа го негираше.
„Илија Андоновски, кој е привремен администратор на Алта банка, е човекот кој им ги издал лиценците на акционерите и членовите на Управниот и Надзорниот одбор, откако претходно била дадена дозволата за работа на банката.
Од мај 2025 година, тој бил директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање. Ова е класичен конфликт на интерес. Не може човек што бил дел од процесот за одобрување на Алта банка да влезе во Македонија сега да биде на оваа позиција“, рече Димитриевиќ.
Според него, Андоновски бил директна пречка во проверка на претходното постапување на Народна банка со одобрување на влезот на Алта банка.
„СДСМ предупреди уште пред 11 месеци дека се работи за про-режимска банка создадена од криминалните кланови на претходниот режим во Србија. Славевски бараше да нѐ тужат, па потоа велеше дека сѐ е во ред. За денеска луѓето да не можат да дојдат до своите пари. Сега се најавува продажба на нов сопственик за нелогични рокови од 10 дена.
Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под истрага во Србија, во Црна Гора, но и во ЕУ поради сомнеж за потеклото на капиталот? Ниту една релевантна банка не би купила, бидејќи би знаела дека ќе си го урне сопствениот кредибилитет, особено во овој момент додека истрагата е во тек.
Имаме информации од свиркачи во НБРМ дека се врши притисок врз некои потенцијални купувачи, на кои им се нудат идни привилегии од страна на власта.
Јавно прашуваме дали Мицкоски врши притисок врз една странска банка?“, рече генералниот секретар на СДСМ.
Народната банка ги отфрли овие обвинувања на СДСМ велејќи дека свесно се извртуваат фактите и се создава погрешна слика во јавноста.
„Овие наводи беа објавени вчера во неколку медиуми, по што Народната банка веднаш реагираше и ги демантираше. Демантот беше професионално објавен од страна на новинарите и медиумите, со што јавноста веќе беше запознаена со точните информации и законските надлежности. Оттука, особено загрижува што СДСМ денеска повторно ги пласира истите тврдења“, велат од Народната банка.
Оттаму тврдат дека Согласно со член 57 став (1) точки 3 и 4 од Законот за банките, претходна согласност за именување членови на Управниот и Надзорниот одбор на банка дава Извршниот одбор на Народната банка, составен од гувернерот и вицегувернерите.
„Оттука, целосно е неосновано на администраторот да му се припишува носењето одлуки што ги донел друг, законски надлежен орган. Ваквото претставување на фактите е обид за дискредитирање на администраторот.
Народната банка смета дека е крајно неодговорно политичките субјекти да шират вакви инсинуации, особено во момент кога институцијата презема конкретни мерки за заштита на интересите на штедачите и клиентите на Алта банка. Свесното повторување на веќе демантирани невистини и создавањето сомнеж во законитоста на постапувањето на Народната банка не придонесуваат за информирање на јавноста, туку директно ја поткопуваат довербата во банкарскиот систем“, велат од централната банка.