Повредено срнче чека помош на патот после Стража


Објавата е споделена пред неколку часа во групата „Вдоми миленик – Спаси живот“, со итен апел до луѓето од Маврово и околината да помогнат.

„Итно. Има ли некое друштво од Маврово да помогне“, се наведува во објавата, на која се гледа срнчето како лежи на коловозот.

Уште еднаш, активистите се обидуваат да организираат помош преку социјалните мрежи, барајќи луѓе што се во близина и можат да реагираат. Но, ваквите ситуации отвораат и пошироко прашање – кој треба да биде одговорен за навремена интервенција кога ќе се пронајде повредено диво животно?

Во Македонија сè уште недостига јасен и функционален систем за пријавување, преземање и згрижување на повредени диви животни. Бидејќи недостасува соодветна и брза институционална реакција, товарот паѓа врз граѓаните и активистите, кои често се обидуваат да помогнат со ограничени ресурси и без соодветна опрема.

Сличен случај имаше и во август годинава.

Срната која беше удрена на патот кон Кичево е хоспитализирана

Уште еден случај од речиси истиоот крај се појави во јавноста кога беше најдена срна повредена од нелегално поставена стапица.

Умре срната Бамби што беше осакатена со стапица

Македонскиот систем не е подготвен соодветно да реагира на случаи во кои се повредени диви животни. За разлика од кај нас, во Бугарија и Грција постојат специјализирани центри за рехабилитација на диви животни.

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) повеќепати повикуваат на формирање Центар за рехабилитација на диви животни.

-Во отсуство на центар за рехабилитација на диви животни, Зоолошката градина во Скопје ги има најдобрите услови за нивно закрепнување, затоа ги поздравуваме нејзините напори да помогне. Македонскиот систем не е подготвен соодветно да реагира на случаи во кои се повредени диви животни.

Односот меѓу Зоолошката градина во Скопје и Македонското еколошко друштво низ годините претставува пример за соработка меѓу државните институции и граѓанскиот сектор.