Умре срната Бамби што беше осакатена со стапица
Малата срна Бамби чии нозе настрадаа од стапица поставена илегално околу Битола, ја изгуби борбата. Проектот за спасување на животни ја објави веста, најавувајќи борба со оваа илегалчна практика во македонија каде заради личен профит се убиваат и заштитени животни.
„Пишуваме… бришеме… и така безброј пати…Не постојат зборови што можат да ја опишат оваа болка. Најмилите очи утрово засекогаш се затворија.Нашата Бамби нè напушти. Овој суров свет беше премногу тежок за едно толку кревко, нежно и невино срце. Се бореше храбро до последниот здив.
Деновиве живеевме со надеж. Се надевавме на чудо. Се надевавме дека љубовта ќе биде посилна од болката. Но понекогаш, колку и да се бориш, не можеш да победиш.
Од срце ви благодариме на сите за бескрајната љубов, поддршката, молитвите, пораките и убавите мисли што секојдневно ги испраќавте за Бамби. Посебна и најголема благодарност до прекрасното семејство кое деноноќно ја чуваше, ја хранеше, ја преврзуваше, не ја оставаше сама ниту еден миг и беше покрај неа до нејзиниот последен здив. Вие ѝ подаривте љубов каква што никогаш претходно не почувствувала.
Но, Бамби ни остави нешто многу поголемо од болката. Ни остави обврска да не молчиме.
Да се бориме против нелегалните стапици. Да бараме одговорност. Да ги подобриме законите.
Да иницираме создавање центар за згрижување на повредени диви животни. Да ја почитуваме природата и сите суштества што живеат во неа.
Бамби ја изгуби својата битка. Но нејзината приказна нема да заврши денес.Напротив.
Од денес започнуваме една многу поголема борба – со конкретни активности, иницијативи и соработка со институциите. Редовно ќе ве информираме за секој чекор и секој што сака да ни се придружи ќе биде добредојден. За Бамби. За сите оние што никогаш не добиле шанса. Да не дозволиме ниту една друга срна да ја доживее нејзината судбина“, стои во објавата.