Истражувањето ја зацврсти релацијата помеѓу науката и носителите на одлуки
Со шест милиони евра, минатата година Владата на Македонија ја финансираше имплементацијата на 50тина научно истражувачки проекти од јавен интерес, кои ги
реализираат јавните научни и високообразовни установи, Македонската академија на науките и уметностите и бизнис заедницата. Видливо ја раздвиживме науката и денес веќе почнуваме да ги гледаме резултатите од тие проекти.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отворањето на меѓународна научна конференција на ЈНУ Институт за интелектуална сопственост – „Интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во македонското општество“, која се организира во рамки на проектот „Фактори на управувањето со интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во Македонија“, финансиран од Министерството за образование и наука.
„Во фокусот на овој проект е влијанието на дигиталната трансформација врз правната рамка за заштита на интелектуалната сопственост. Ова е важно да биде предмет на истражување, затоа што брзиот технолошки развој и забрзаната дигитализација отвораат нови можности, но истовремено поставуваат и сериозни предизвици пред постојните правни и регулаторни рамки. Заштитата на авторските права, трговските марки, патентите, трговските тајни и личните податоци добива нова димензија и неопходно е овие процеси да се анализираат системски, научно и во согласност со современите европски и светски тенденции“, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека истражувањето веќе ја зацврсти релацијата помеѓу науката и носителите на одлуки, со правната професија и со институциите што имаат важна улога во заштитата на интелектуалната сопственост.
Потенцираше дека целта на Владата е научноистражувачката работа да создава резултати што ќе имаат реална вредност за институциите, за економијата и за граѓаните. И затоа буџетот за наука е двојно зголемен. Дополнително, овозможен е бесплатен пристап до најпознатите глобални научни бази „Web of science“ и „Scopus“ за сите македонски научници и академски професори. МОН ги покрива трошоците за објава на научни трудови во списанија со импакт фактор, за организација на домашни и за учество на меѓународни научни конференции, како и трошоците за објава на зборници.