Со рампи ќе се затвора Дебар Маало
Општина Центар планира Дебар маало да го искористи како пилот-проект, со затворање улици и претворање во пешачка зона, што ако се покаже како успешно, подоцна планира да го преслика и во друите центарски маала како Капиштец, Буњаковец, Градски парк…
Што предвидува овој проект?
Се предвидува затворање на Дебар Маало за сообраќај од петок од 18 часот до недела на полноќ и тоа договорено е првите контролирани пристапи да бидат поставени на трите улици: „Донбас“, „Андон Дуков“ и „Алберт Ајнштајн“. Потоа етапно ќе бидат затворани и другите улици во ова маало.
За ова се чека официјална потврда од МВР, а надежите се дека таа ќе дојде до крајот на оваа година, за по 15 јануари наредната година, некаде до крајот на февруари, да биде направен проектот, а во март да биде распишан тендерот за избор на најповолна фирма изведувач на градежните работи за затворање на трите улици
Од Општина Центар беше најавено дека треба да биде спроведен пилот-проектот пред почетокот на летната сезона, односно од 1 април до 1 мај оваа година, но тој сè уште тапка во место, а општинското раководство прстот го вперува кон МВР.
Проектот е вграден во Програмата и во Планот за јавни набавки на Општина Центар, а неговата цел, според општинските власти, е зголемување на безбедноста на пешаците, намалување на емисијата на штетни гасови, поттикнување на користењето на велосипедите како превозно средство, но и намалување на паркирањето на нерезидентните жители.
Притоа, ќе можат да се паркираат само жителите, додека оние што не се резиденти нема да имаат пристап.
При најавата на проектот на средината од јуни минатата година, од Општина Центар беше објаснето дека ќе се направат кружни прстени за движење во три фази и ќе може да влегуваат само резидентите, односно жителите што живеат таму ќе добијат специјални дозволи (картички), а нема да може да влегуваат жителите што не се од тој реон.
Предвидено е да се стават вкупно девет рампи, а на деловите каде што завршуваат улиците слепо, ќе биде регулирано со мобилна апликација за отворање на рампите. Беше споменато и тоа дека во времето кога ќе биде затворено Дебар Маало за сообраќај, ќе може низ него да транзитираат жителите од други општини и од други делови на Општина Центар, и тоа само на 15 минути и оти на тој начин нема да се зголеми, туку, напротив, ќе се намали доаѓањето возила во Центар и ќе се добие безбедно Дебар Маало.
За дотур на стока ќе има посебни правила, па така нема да биде дозволен влез на возила потешки од 3,5 тони, освен ако не се работи за посебно одобрени ситуации со дозвола издадена од Град Скопје, која ќе важи наутро од 7 до 9 часот. За да се олесни снаоѓањето, ќе биде поставена и соодветна физичка сигнализација на булеварите „Партизански одреди“, „Климент Охридски“, „Илинден“ и улицата „Рузвелтова“, со што ќе се информираат сите учесници во сообраќајот за новиот режим.
Исто така, градоначалникот Горан Герасимовски во гостување во емисија појасни дека нема да има проблем ни за возилата за итна помо ш и противпожарни возила, затоа што вели „предвидена е служба која постојано ќе биде на терен и ќе овозможува непречен пристап“.
Тој нагласи дека првичната идеја била да се затвори поголем дел од населбата, но дека тоа е тешко изводливо поради значењето на улицата „Орце Николов“ за одвивањето на сообраќајот.
„Ние сакавме да се затвори целосно, но улицата „Орце Николов“ е крвотокот на Дебар Маало и таа улица не може да се затвори“, посочи тој.