Арагчи: Нов израелски напад врз Иран би имал разорно влијание на меѓународните берзи за гас
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи предупреди дека ако Израел повторно го нападне Иран тоа ќе има „разорно влијание“ врз меѓународните пазари посебно на снабдувачите со гас и потрошувачите.
– Разорното влијание на меѓународните пазари од каква била воена авантура што би ја иницирал Израел во регионот на Персиски Залив останува главна грижа и за снабдувачите со гас и за потрошувачите, објави Арагчи на платформата Икс.
Изјавата на Арагчи уследи по шпекулациите дека САД и Израел би можеле повторно да го нападната Иран по американските средорочни избори.
„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори, денеска објави дека САД информираа неколку арапски земји од Персиски Залив да се подготват за евентуална „кратка и интензивна“ воена кампања против Иран по американските средорочни избори.
Според весникот има нови знаци дека американската и израелската армија се подготвуваат за потенцијален напад со цел да го принудат Иран на преговарачка маса.
Неименувани извори за „Волстрит џурнал“ тврдат дека американската армија носи системи „Патриот“ од Тексас за да ја зајакне својата ракетна одбрана, а американските сили во регионот се снабдуваат со муниција, додека бомбардерите и борбените авиони се подготвуваат за напади.
– Дополнителна ударна група на носачи на авиони и експедициска сила на морнарицата, исто така, се подготвуваат да се приклучат на армадата од околу 20 други воени бродови што дејствуваат на Блискиот Исток следниот месец, иако некои бродови би можеле да ротираат, наведоа неименувани извори.
Белата куќа одби да коментира за чувствителни воени планови „кои можеби постојат, а можеби и не“.
– Претседателот Доналд Трамп ги држи сите опции на маса за да се осигури дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека би можел да соработува со Трамп за да ја елиминира „егзистенцијалната закана“ од Иран.
И Си-ен-ен вчера, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери, објави дека Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) и силите на Блискиот Исток се подготвени да почнат нови, потенцијално големи воени операции против Иран во рок од 96 часа по добивањето на наредба од Трамп.
Според нив, САД веќе распоредиле доволно воени сили во регионот за да извршат евентуални напади, чиј обем би можел значително да ги надмине претходните операции насочени кон уништување на иранските радари, ракетни лансери и други воени капацитети што Техеран може релативно брзо да ги обнови.