Баро: Странските движења шират дезинформации за протестите во Франција


 Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро денеска ги обвини странските движења за ширење искривени слики од неодамнешните протести за да се наруши угледот на Франција во странство.

Тој за „Франс 2“ наведе дека сликите од протестите биле „искористени, искривени и засилени“ од оние кои сакаат да и „наштетат“ на угледот на земјата во странство.

Тие се соперници, конкуренти и движења со потекло од САД, Израел, Русија, а понекогаш и од Кина, кои сакаат да нè ослабнат и да го оцрнат нашиот углед во странство, наведе Баро.

Тој додаде дека тие ги искривуваат сликите и „раскажуваат своја приказна за Франција“.

Баро истакна дека на социјалните медиуми се шират објави во кои демонстрациите и протестите „им се препишуваат на масовната имиграција или радикалниот ислам“.