Арапските партии во Израел подготвени да помогнат во соборувањето на Нетанјаху


По вчерашните парламентарни избори во Израел. сојузот на партии составени претежно од Арапи, денеска сигнализираше подготвеност да помогне во соборувањето на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која беше составена од десничарски и верски партии, јави ДПА.

Јусеф Џабарин, претседател на „Заедничката листа“, денеска изјави дека владата на Нетанјаху го направила животот неподнослив за арапските граѓани.

„Владата на Нетанјаху и (крајно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар) Бен-Гвир животот на секој арапски граѓанин го претворија во пекол “, рече Џабарин.

Тој ја опиша поддршката што ја добија арапските партии на вчерашните избори како „историска“.

Според прелиминарните резултати, откако е преброен поголемиот дел од гласовите, се очекува конзервативната исламистичка партија „Раам“ и „Заедничката листа“ заедно да освојат 19 пратенички места во Кнесетот, што брои 120 пратеници.

Овие партии би можеле да одиграат клучна улога во формирањето на следната влада, бидејќи ниту блокот на Нетанјаху, ниту опозицискиот табор предводен од поранешниот началник на Генералштабот на армијата, генерал Гади Ајзенкот, не се очекува да обезбедат мнозинство.

„Ќе знаеме како да ја искористиме нашата политичка сила за да ги промовираме вредностите во кои веруваме“, изјави Џабарин.

„Подготвени сме да го отвориме патот за смена на владата на Нетанјаху, Бен-Гвир и (министерот за финансии Безалел) Смотрич – и да ги испратиме дома.“

Арапските граѓани сочинуваат околу една петтина од населението на Израел. Повеќето од нив се потомци на Палестинци кои останале во земјата по основањето на Израел и војната од 1948 година, потсетува германската агенција.

Тие имаат израелско државјанство и право на глас, но нивните блиски семејни и културни врски со Палестинците во Појасот Газа и на Западниот Брег предизвикаа недоверба кај дел од еврејските Израелци.

Десничарските еврејски партии во Израел традиционално одбиваат да соработуваат со арапските партии, пренесува ДПА.