Медиумите и новинарските здруженија бараат од Лајен да го подобри пристапот до документи на ЕК
Медиумите, новинарските здруженија и организации за слобода на медиумите денеска упатија апел до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен да го подобри пристапот на новинарите до документите на ЕК, предупредувајќи дека долгите чекања, одбивањата на барањата и прекумерното редактирање на документите го отежнуваат известувањето за прашања од јавен интерес.
Во отворено писмо до Лајен, потписниците потенцираат дека ЕК не им ги обезбедува на новинарите документите што им се потребни за да истражуваат прашања од јавен интерес, вклучително и испитување на финансиските и политичките интереси што влијаат на животите на граѓаните на ЕУ.
Барањата на новинарите за пристап до документи се соочуваат со сериозни доцнења. По долгите чекања, пристапот може да биде одбиен врз основа на сомнителни причини или новинарите можат да добијат документи што се толку редактирани што од нив не можат да се извлечат јасни информации, се наведува во писмото, додавајќи дека во некои случаи ЕК не ги чува и архивира правилно клучните документи.
Потписниците предупредуваат дека јавната дебата е поткопана низ цела Европа и оти граѓаните се лишени од информации што се важни за политичко донесување одлуки во критични моменти.
Тие оценија дека тоа го загрозува и угледот на ЕК комисија како институција што ги штити демократските вредности на ЕУ, особено во време кога демократските норми се под притисок низ целиот свет.
Потписниците, исто така, побараа повторно воспоставување на акциски план за подобрување на пристапот на новинарите до информации, како и подобрување на внатрешните процедури за евидентирање и архивирање на документи и зајакнување на капацитетот во рамките на ЕК за брзо и ефикасно обработување на барањата за пристап до документи.
Главниот иницијатор на ова писмо, Том Гибсон од Комитетот за заштита на новинарите, изјави дека ЕК тврди дека е посветена на слободата на медиумите во Европа и преку својата надворешна политика, но дека „всушност се обидува да создаде пречки за создавање поволна средина за новинарите што известуваат за нејзините институции со очигледна цел да ја одржат контролата врз официјалниот наратив“.
Писмото е потпишано од 16 медиуми, здруженија и организации меѓу кои „Следи ги парите“ (Follow the Money), „Истражија Европа“ (Investigate Europe), Европската федерација на новинарите, Комитетот за заштита на новинарите, Меѓународниот институт за медиуми, Проектот за известување за организираниот криминал и корупција (ОЦЦРП) и „Пен интернешнл“ (PEN International).