Тешко е да се биде Вучиќ сега во Србија и автократ во Европа

По паѓањето на Орбан, премиерот Христијан Мицкоски изгуби уште еден политички сојузник кој му даваше „ветер во грб“ за кочењето на евроинтеграцијата


По поразот на Вучиќ имаше и прегратки меѓу полицијата и луѓето во Белград

 

Тешко беше да се биде Александар Вучиќ вчера во Србија. Не затоа што по 14 години, а реално по речиси три децении беше симнат од сцената и му се одзеде власта, туку затоа што беше застрашувачка за него сликата колку и на што беа подготвени Србите – да го пратат во историјата.

Да гледаш дека милиони луѓе маршираат со километри за да гласаат против тебе и твојата партија, како се редат километри српски иселеници пред амбасадите во САД, Канада, Германија, Франција, Австрија, Словенија, Индонезија и во многу други држави, да видиш колку избегале од земјата зaшто не верувале во иднината со твојата партија, да гледаш дека се подготвени да истрпат сѐ за промената и да надоаѓаат од сите страни како река за време на поплава или ураган за време на бура, само за да те снема од политиката. Да гледаш толку многу луѓе што толку многу те мразат, што нема сила, ни изборна манипулација, ни медиумска пропаганда што може да ја смени пораката што ја слушна цела меѓународна заедница – дека на Србија ѝ е ДОСТА!

Во политичките кругови во Македонија, пак, како ретко кога владееше целосен молк бидејќи ова не беа избори во кои победи една наспроти друга партија, туку се случи некој вид РЕВОЛУЦИЈА. Практично, се случи она за што сонува секој обичен граѓанин, во Србија или надвор од неа, да им се слушне гласот, место да бидат само гласачка машина. Сами да ја остварат промената за да не се гушат и натаму во држава што им служи на политичките и профитерски интереси, на клиентелистички групи и на многу луѓе со силни амбиции, но без знаења и без морал за позициите на кои се наоѓаат. Да се случи општествена, а не само политичка промена, нешто што на некој начин се тркала и во цела Европа, иако некаде изборот може да е полош од сегашниот.

Она што ја направи посебна победата во Србија е што таа стави крај не само на политичката кариера на Александар Вучиќ – лидерот прославен по способноста да преживува и да седи на неколку столчиња. Таа стави крај и на цела една ера во Србија, која започна со појавувањето на Слободан Милошевиќ и српскиот национализам со кој како земја допре до многу дна во политиката.

Таа е и првата смена во Европа што ја изведе НАРОД, т.е. листа на граѓани, а не организирана политичка партија, и што зад себе нема идеологија т.е. висока политика, туку се фокусира на животните потреби на обичните граѓани, кои секаде се исти и секогаш: добар економски стандард, искоренување на корупцијата, праведен судски систем, еднакви шанси за живот, напредување според способноста, подобро здравство, подобро образование и повеќе слобода, место квази демократија, наместени избори, корупција и репресија.

Оваа победа е и враќање на нормалноста на политиката на Балканот, односно конечно политичко созревање околу фактот дека не е крај на светот да се изгубат избори, дека не мора да е крај ни на политичката кариера, дека изборите се демократски натпревар и дека на власта не се доаѓа – за вечно да се остане. Дека е нормално да признаеш дека си изгубил, а не да лажираш и насилно, со злоупотреба и употреба на институциите, па и со државен удар да останеш на позицијата. 

Победата на Студентската листа на крајот покажа дека не функционирааат веќе рецептите на Владимир Путин како да се зацементира власта, откако повеќе од една деценија се применуваа од автократите во светот, од Унгарија, Словачка, Турција, преку земјите од Балканот, Израел до САД со претседателот Доналд Трамп, и кои речиси извесно ќе ги турнат од власта и тие што со нивна помош ќе дојдат на позиција во Западна Европа.

Практично во Србија вчера народот го победи системот, а не само Вучиќ и СНС.  Ги урна столбовите на едно недемократско, репресивно, коруптивно  и авторитарно општество што ја држеше Србија заробена, без иднина и без вистински напредок. Ја демонтираше дополнително идеолошката оска на Путин, Орбан, Фицо и Вучиќ во Европа и индиректно го заниша и претседателот на САД, Доналд Трамп пред изборите идната недела за Конгресот. Бидејќи освен што му паѓа рејтингот дома, Трамп ги губи еден по еден и сојузниците (тука може да влезе и Еди Рама) преку кои сакаѓе да се меша и да ја менува политички Европа.

Сакале да го признаат тоа или не во нашата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, со паѓањето на Вучиќ во Србија и ним им се истргна чергата под нозете, бидејќи немаат веќе со кого идеолошки да се поддржуваат, главно во однос на силната кочница што ја држат на евроинтеграциите, и бидејќи им е зададен удар на „октоподите“ за илегален бизнис во регионот. Откако се покажа дека политички многу повештиот и економски поуспешен Вучиќ не го спречи политичкиот ураган што го однесе од власта цементирана со децении, тешко дека тие ќе го преживеат незадоволството во Македонија од влошените економски услови, работењето главно за сопствени политички и профитерски интереси, покрај другите стари болести.

Со една битна разлика што во Македонија се уште нема автентична сила (иако некои сакаат да се продадат како таква) која може да собере широка поддршка, и што Македонија веќе изведе една револуција која успеа, но нејзината енергија потоа беше искористена за враќање на старата состојба, поточно во интерес на елита од која дел функционира како мафија.

Тоа прашање е токму главното што си го поставуваат сите аналитичари сега, откако Студентската листа извојува победа и е на праг да формира влада. Никаква бивша заслуга нема да им помогне да не ги снајде истата судбина како Вучиќ сега ако ја изневерат енергијата и вербата на тие што на крилја ги донесоа вчера на власта. Иако не се бореа за власт туку за промена, за иднина место за минато, за слобода место за ограничувања, на тој пат ќе им треба многу искуство и морална чистота. Идеалите први страдаат при секоја ваква промена на власта, уште повеќе што очекувањата од нив се многу поголеми од тие во времето на Вучиќ. Политиката раздели па владеј, која е дел од рецептите на Путин  (очигледно присутна и во Македонија) значи дека покрај себе ќе имаат поразен, но не и капитулиран политички непријател кој, спротивно од Студентската листа, уште долго ќе ги владее центрите на моќ во државата и многу бргу може да ги урне. 

Она што е најважно за нас во Македонија, која патем имаше добри односи со Србија без оглед која гарнитура ја преферираше Вучиќ кај нас, е како ќе се постави новата власт во Белград кон евроинтеграцијата и кон Москва. Западните медиуми забележуваат дека единствена политика што фали во програмата од 11 точки на Студентската листа е таа за приемот во ЕУ, околу што најавувааат дека ќе организираат референдум па граѓаните сами нека решат, а во однос на Кина, Русија или Запад како и Вучиќ, најавуваат дека ќе водат балансирана политика.

Дали овие позиции се одраз на потребата да мобилизираат масовно поддржувачи на изборите ќе се види наскоро, но сепак и да го сменат курсот, тоа зборува за мнозинското расположение меѓу граѓаните во Србија, кое се прелева и кај нас. Вртењето на Србија силно кон Европа веројатно ќе ја засили желбата во Македонија да стане членка на Унијата, бидејќи главната антипропаганда за ЕУ доаѓа од Белград, но од друга страна таа ќе биде уште една земја кандидат која ќе истрча кон Брисел – пред Македонија на листата, бидејќи има голема шанса да се ослободи од старите политички хипотеки и да ги искористи пријателите што ги има во Унијата.