Бугарија направила законски измени за регистрација на ОМО „Илинден“ – но секогаш им фалел некој документ, тврди Јотова
Бугарската претседателка Илијана Јотова по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во Стразбур изјави дека очекува надзорот над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со ОМО „Илинден“ – Пирин конечно да биде завршен на следната седница.
Според Јотова, Бугарија досега ги исполнила сите упатени препораки од меѓународните тела и во координација со Агенцијата за впишување направила законски измени за да се овозможи регистрација на организацијата, но додаде дека од нивна страна секогаш изостанува некаков документ при аплицирањето.
„Оваа тема исклучително многу се користи против Бугарија, се обидуваат да вклучат и текстови во резолуцијата за напредокот на Република Северна Македонија, кога станува збор за евентуални спорови со Бугарија. Ние го негираме тоа, прво, зошто нема билатерален спор, тие, едноставно, не ја почитуваат политиката на Францускиот компромис што беше постигнат. Од друга страна, треба да ни биде јасно дека овие тековни досиеја треба да бидат завршени, зошто тоа не е добро за сликата на земјата“, заклучи Јотова.
На ваквите тврдења реагираше копретседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојко Стојков, кој ги нарече како невистинити.
„Секогаш доставуваме комплетни документи. Проблем е што надлежните бугарски органи постојано измислуваат дека се потребни нови и нови. Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти како перфектни. Целите се различни. Различни судови во различни делови на земјата даваат различни забелешки и ако постапиме по нив, наоѓаат нови“, наведува Стојков.
Советот на Европа е надлежен за надзор на спроведувањето на пресудите на Судот во Стразбур. ОМО „Илинден“ – Пирин е само една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, но е најбројна, најактивна во поднесување тужби пред Европскиот суд за човекови слободи и права против неа и редовен победник во споровите.