И повторно: Секој понеделник наставата ќе започнува со македонската химна – овојпат почна од Гази Баба


Секој понеделник, наставата во основните училишта на територијата на Општина Гази Баба ќе започнува со интонирање на химната на Република Македонија, најавува денеска градоначалникот на Општина гази Баба.

Пред три години, Општина гази Баба донесе ваква одлука, веднаш по Општина Аеродром, каде одлуката беше донесена од избраниот градоначалник Тимчо Муцунски (сега министер за надворешни работи и трговија).

Секој понеделник во училиштата во Аеродром ќе се интонира македонската химна

Во следните неколку недели повеќе општини се приклучија кон ваквата иницијатива, а и премиерот Христијан мицкоски рече дека не само во Аеродом и Гази Баба, туку во училиштата во сите општини треба да се интонира македонската химна. „Со тоа секој граѓанин треба да покаже почит кон еден од основните симболи на државата во која е роден, која му овозможила да се образува, да формира семејство и во неа живее“, рече Христијан Мицкоски, од позиција на претседател на ВМРО-ДПМНЕ во 2023 година.

Химната треба да се свири во сите општини, смета Мицкоски

Но, откако неколку општини им наредија на директорите на училиштата да ја интонираат македонската химна во понеделник пред почетокот на часовите, откако споделија видеа од построени ученици кои на глас ја пеат химната, праксата запре.

По Муцунски и Стефковски воведува почеток на наставата со македонската химна

Сега, три години подоцна, Стефковски смета дека химната не е само песна. Таа е симбол на нашата слобода, државност, историја и на жртвата на генерациите што се бореле за самостојна и независна Македонија.

„Преку образованието ги градиме знаењето и иднината на децата, но истовремено ги учиме да ја почитуваат својата татковина, нејзините национални симболи и вредностите што нè обединуваат како народ. Љубовта кон Македонија се создава и негува уште од најмала возраст – во семејството, во училиштето и во секојдневниот живот. Со оваа одлука градиме чувство на припадност, заедништво, достоинство и почит кон државата.
Нека секој нов почеток на учебната седмица биде исполнет со гордост, почит и љубов кон нашата единствена татковина! МАКЕДОНИЈА Е СÈ ШТО ИМАМЕ!“, порачува Стефковски и тоа само на еден ден пред 35-годишнината од независноста на Македонија.

Колку време ќе трае овој излив на патриотизам овојпат, останува да посведочиме.

Секако, најавата на Стефковски на социјалните мрежи е илустрирана со фотографија изработена од вештачка интелигенција, а не со вистинска, реално направена фотографија од училиштата и учениците во Гази Баба. (Б.Б.)