Јолевски, Стојков и Лилчиќ ја примија државната награда „23 Октомври“
Годинава, престижната награда „23 Октомври“ им припадна на актерот Ѓорѓи Јолевски во областа на културата и уметноста, како и на историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс во областа на науката.
Државната награда „23 Октомври“ претставува мост меѓу македонското историско наследство и современите достигнувања во науката, културата и уметноста, истакна претседателот на Одборот за доделување на наградата и директор на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов, на свеченото доделување на државното признание за 2026 година.
Во своето обраќање, Панов нагласи дека 23 Октомври е датум што активно ја создал македонската историска и национална траекторија, истакнувајќи дека слободата и државноста не припаѓаат само на минатото, туку се потврдуваат и денес низ работата на институциите, науката и културното творештво.
„Постојат датуми што историјата ги бележи, но постојат и датуми што ја создаваат историјата. Датуми што стануваат симболи на слободата, достоинството и историската истрајност на народите и нациите. Дваесет и трети октомври е токму таков датум“, истакна Панов.
Осврнувајќи се на лауреатите, Панов нагласи дека Јолевски со својата актерска кариера го направил театарот простор за духовно поврзување со публиката, Стојков со своето научно дело ја потврдил важноста на историографијата за самоспознавањето, додека Лилчиќ Адамс дал исклучителен придонес во проучувањето и заштитата на македонското културно-историско наследство.
Во името на добитниците се обрати проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, кој порача дека Македонија поседува историски и цивилизациски континуитет што ретко која држава во светот може да го потврди.
„Денес оружјето е заменето со културни и научни дела и резултати. Ако ни се даде зелено светло на умот, водени на развојот на културата и особено науката, Македонија има голема шанса да доживее многу поголем развој во неизвесната иднина што претстои“, порача Лилчиќ Адамс, додавајќи дека ова признание претставува и огромна обврска за понатамошно творење.