Химната треба да се свири во сите општини, смета Мицкоски


 

Не само во Аеродом и Гази Баба, туку во училиштата во сите општини треба да се интонира македонската химна, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. „Со тоа секој граѓанин треба да покаже почит кон еден од основните симболи на државата во која е роден, која му овозможила да се образува, да формира семејство и во неа живее“, рече тој денеска.

Мицкоски смета дека тоа прашање не треба да се партизира (во Аеродром и Гази Баба градоначалниците се вмровски), туку него треба да го спроведе Министерството за образование.

„Мислам дека ова треба да биде политика, којашто ќе биде централизирана. Министерството за образование оваа политика ќе ја спроведе и мислам дека на целата територија на државата треба да има ваков начин на покажување почит кон државата, во којашто сите ние живееме и твориме“, рече Мицкоски. Тој упати апел до министерот за образование тоа да биде државна политика и да се реализира во сите општини, без разлика од која политичка партија се градоначалниците.