Секој понеделник во училиштата во Аеродром ќе се интонира македонската химна


Наставата во основните училиштa во Аеродром отсега секој понеделник ќе започнува со интонирање на македонската химна, затоа што почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст, најави градоначалникот Тимчо Муцунски.
 
– Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција – напиша Муцунски на Фејсбук, при што сподели и видео од интонирањето на македонската химна во ООУ „Лазо Ангеловски“.
 

 
Учениците построени, во униформи, кои пред неколку дена им беа поделени, исто така од општината, на 2 октомври, застанаа под македонското знаме во дворот и мирно ја слушаа македонската химна. Дел од учениците мирно стоеја во училниците. 
 
Ваква пракса не е непозната за оваа општина. Македонската химна беше интонирана еднаш неделно во 2014 година, за во 2015 година да се интонира секојдневно, кога градоначалник на општината беше Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ, а министер за образование Панче Кралев. 
 
Ивица Коневски и Панче Кралев во посета на училиште
Потоа праксата повторно беше сменета и химната се интонираше само во понеделник. Но, сето тоа некако стихијно престана, без најава. 
 

Тогаш, општината информираше дека за интонирањето на химната спроведле анкета која покажала дека  речиси половина од анкетираните позитивно се изјасниле за тоа, но оние кои не се согласуваат барале редуцирање на праксата за секојдневно интонирање на химната.