Левица бара да се испита имотната состојба на Јанушев
Левица забележува дека за неполна година дури двајца луѓе од непосредната работна средина на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, се најдоа во полициски истраги за тешки кривични дела. Прво, неговиот посебен советник за економски прашања беше опфатен во случај за лихварство и перење пари, а сега – вработен во СОЗР, ангажиран како возач за потребите на Генералниот секретаријат, е осомничен дека барал 1.500 евра за посредување при вработување пожарникар, при што бил фатен при примопредавање на 500 евра обележани банкноти.
-Јанушев побрза да се огради од уапсениот возач, објаснувајќи дека неговото постапување „нема никаква врска“ со него, дека претходно возел и други функционери. Во своето оградување, Јанушев не спомна дека самиот возач јавно се експонира како поддржувач и член на ДПМНЕ, што е јасно видливо од неговите социјални мрежи. Не зборуваме за некаков случаен лик што случајно завршил во непосредната работна средина на генералниот секретар на Владата, туку за партиски кадар на ДПМНЕ кој е ангажиран во самиот Генерален секретаријат.
Можеби и ќе му поверувавме дека навистина има само исклучително лоша среќа со луѓето кои завршуваат во неговата непосредна околина, доколку криминалните случаи во неговиот кабинет не беа само последниот додаток на веќе предолгата листа афери и отворени прашања поврзани со самиот Јанушев.
Генералниот секретар на Владата веќе со години е под институционална проверка за својата имотна состојба, откако во јавноста се отвори прашањето за луксузен стан во центарот на Скопје вреден околу 325.000 евра, кој Јанушев го објаснуваше како подарок од родителите. Наместо брзо и транспарентно расчистување на дилемите, јавноста доби долготрајна институционална проверка, додека Јанушев во меѓувреме непречено продолжи да напредува до една од највисоките позиции во Владата.
Како тоа да не беше доволно, се отворија и нови прашања за можна поврзаност на Јанушев со фирма од Ќустендил, Бугарија, при што информациите беа доставени и приклучени кон предметот за проверка на неговата имотна состојба. А додека институциите проверуваат, функционерот продолжува да ја врши функцијата како ниту една од овие работи да не постои.
Во исто време, додека власта на ДПМНЕ на граѓаните им продава приказни за штедење, домаќинско работење и празен буџет, за политичката елита секогаш се наоѓа простор за службени патувања на другиот крај од светот. Во мај 2025 година, Јанушев беше дел од владината делегација која отпатува на ЕКСПО во Осака, Јапонија, во период кога културните институции и вработените се соочуваа со сериозни финансиски проблеми.
Јанушев уште од времето кога раководеше со ЈСП покажа дека јавните ресурси може многу лесно да се претворат во приватен бизнис. Десетгодишниот договор со „Маратон“, со кој приватна компанија доби простор да профитира од рекламниот потенцијал на автобусите и инфраструктурата на ЈСП, останува еден од најјасните примери за начинот на кој партиските функционери управуваат со јавните претпријатија. Наместо секој можен приход од јавен ресурс да останува во јавното претпријатие и да се вложува во подобрување на јавниот превоз, се создава модел во кој приватник заработува од инфраструктура платена од граѓаните.
Денес, кога ЈСП е симбол за децениското партиско уништување на јавниот превоз, Јанушев одамна нема никаква политичка одговорност за одлуките кои ги носел како негов директор. Напротив – ДПМНЕ го награди со уште повисока функција.
Значи, имаме генерален секретар на Владата со отворени прашања и институционални проверки за имот вреден стотици илјади евра. Имаме дополнителни информации за фирма во Бугарија приклучени кон истиот предмет. Имаме историја на контроверзни договори со јавни ресурси од времето кога раководеше со ЈСП. Имаме владин функционер кој патува на ЕКСПО во Јапонија додека државните институции се соочуваат со финансиски проблеми. Имаме негов посебен советник опфатен во истрага за лихварство и перење пари. И сега имаме возач ангажиран за потребите на Генералниот секретаријат, осомничен дека барал пари за да посредува за вработување во јавна институција.И ДПМНЕ сè уште очекува јавноста да поверува дека сето тоа нема никаква врска едно со друго, коментира Левица.
Според партијата, ВМРО- ДПМНЕ дојде на власт со полни усти борба против криминалот, корупцијата и партиските мрежи кои ја заробиле државата. Две години подоцна, еден од највисоките функционери во нивната Влада ниже скандал до скандал.
-Најлесно е секоја афера да се распарчи на ситни „индивидуални случаи“. Така, со доволно оградувања и доволно долго институционално молчење, секој скандал станува туѓ проблем, секоја одговорност се одложува, а Јанушев продолжува да плива во владините води и да напредува.
Измените на Кривичниот законик, со кои се намалија казните и се отвори патот за застарување на дел од најголемите случаи на злоупотреба на службената положба, веќе го направија своето – политичката елита доби уште една сигурносна мрежа кога криминалот конечно ќе стигне до институциите. Затоа, СДСМ денес може колку сака да ги брои и да се обидува да профитира од аферите на ДПМНЕ – кога дојде време политичарите навистина да одговараат, токму тие им ја отворија вратата за да избегаат од правдата, оценува Левица.
Партијата бара итна политичка одговорност од Игор Јанушев и негово разрешување од функцијата генерален секретар на Владата. Од ДКСК и Јавното обвинителство бара конечно да ги расчистат сите отворени прашања за неговата имотна состојба, потеклото на имотот вреден стотици илјади евра и информациите за можните деловни релации во Бугарија. Надлежните институции да ги испитаат и сите околности поврзани со контроверзните зделки со јавни ресурси од периодот кога Јанушев раководеше со ЈСП, а Владата да објасни како во непосредната работна средина на генералниот секретар за неполна година се најдоа лица опфатени во истраги за лихварство, перење пари и посредување со мито при вработување.