Партизани
Зошто треба да се прочита извонредната книга „Партизани“ на словенечкиот историчар Јоже Пирјевец? Затоа што таа се чита како трилер; тоа е напната, трагична, сурова и подеднакво херојска приказна
Ако сакате да читате книга за историјата како трилер, која не можете да ја оставите од раце додека не дојдете до крајот, тогаш нема ништо подобро во последнава деценија од монументалната книга „Партизани“ на извонредниот словенечки историчар Јоже Пирјевец. Во време кога на сите простори на поранешна Југославија партизанското движење и победата во Втората светска војна над фашизмот се омаловажува, се прескокнуваат храброста, решителноста и страдањата на партизанските единици, a улогата на Јосип Броз Тито се потиснува, оваа книга на Пирјевец ја опишува генезата и развојот на отпорот во контекст на светската историја. Книгата се чита како напната, трагична, сурова и подеднакво херојска приказна.
Пирјевец е роден 1940 година во Трст во добростоечко семејство со словенечки корени, дипломирал на тамошниот универзитет и ги продолжил постдипломските студии во Пиза и на Дипломатската академија во Виена. Докторирал на Филозофскиот факултет во Љубљана, а со години предавал на универзитетите во Трст, Пиза и Падова. За своите научни придонеси е избран за член на Словенечката академија на науките и уметностите. За Латинка Перовиќ тој беше еден од најдобрите историчари од овие простори. Во македонската јавност (надвор од историчарските кругови) малку се знае за него. Васко Ефтов има направено две интервјуа за својата емисија „Во центар“ (VO CENTAR Britanska operacija za osvojuvanje na Makedonija! и VO CENTAR Shokantno tvrdenje – Stаlin gi smetal Bugarite Prusi na Balkanot!) и тоа изгледа како единствениот допир на Пирјевец со македонската јавност. Но затоа во Загреб, Белград и Сараево тој има речиси легендарен статус.
Втората светска војна беше најтешкиот испит во крвавата историја на југословенските народи, особено затоа што, покрај партизаните, на Балканот се бореa многу воени групи, четници, усташи, љотиќевци… Жртвите бea огромни, според проценките, повеќе од еден милион мртви меѓу локалното население. За овие факти, Пирјевец спроведе неколку децении истражување. Самата книга ја пишуваше шест години, откако претходно ја објави исто така извонредно оценетата книга „Тито и другарите“.
Книгата има 900 страници и 125 поглавја, со 3.247 белешки и ја претставува ширината, силата и значењето на движењето што создаде нова, втора Југославија и даде огромен придонес во победата над фашизмот. Во преден план е определбата на „една генерација“ да се спротивстави на најголемото зло во историјата и да се жртвува себеси со надеж за создавање подобар свет. Младите луѓе, антифашистите, комунистите, мажите и жените се кренаа и се бореа. И се жртвуваа себеси. Според Пирјевац, комунистите беа единствените што разбраа дека отпорот и антифашистичката борба мора да бидат југословенски, бидејќи алтернативата беа национални и религиозни конфликти што водеа кон истребување, трајна поделба, губење на националните територии и идентитети. Движењето не би постоело без цврсто и решително водство, а улогата на Тито во ова беше централна. Неговата способност за организирање и водење, неговата подготвеност за донесување тешки одлуки и неговата лична харизма беа од клучно значење. Покрај главниот тек на настаните поврзани со Тито и централното комунистичко и партизанско водство, и најсилните партизански упоришта и области во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, таа дава и важни информации и факти за партизанското движење во Словенија, Македонија, Војводина и Косово, кои во југословенските историски книги за Втората светска војна главно беа оставани на маргините.
Јоже Пирјевец помина шест години интензивно пишувајќи ја оваа голема синтеза, како што самиот вели „во манастирскиот ќош на својата работна соба“, но признава дека на многу начини му помогнале и „ментори од голем обем“ како што се Јанез Становник и Антон Вратуша, а посебна благодарност им изрази на академикот Јанко Плетерски и Душан Бибер, кој му подари збирка американски и британски документи што ги собирал со години во архивите на Вашингтон и Лондон, а притоа му ја отстапи и својата богата библиотека поврзана со воените теми.
Од различни причини, но и од различни перспективи, обично се верува дека речиси сè е познато за Народноослободителната војна, партизаните, Тито и сè што ѝ претходеше, а потоа следеше со крајот на војната, особено клучните настани од војната, и дека нема ништо ново за откривање. Историчарите знаат дека тоа не е баш така и токму со неговата книга Пирјевец направи голем напредок во тоа да ни овозможи да погледнеме цела низа работи од тој период на нов и поинаков начин. Особено е важно да се нагласи дека тој постојано предупредува дека е погрешно да се зборува за хрватски, словенечки, српски, црногорски или македонски партизани, како што е вообичаено денес во „меката“ верзија на претставувањето на ова движење, свесно избегнувајќи го префиксот југословенски, додека партизанското движење беше несомнено и првенствено југословенско. Да се игнорира овој факт е да се лаже од самиот почеток или барем во голема мера да се избегне вистината.
Во национална смисла, Словенците, Бошњаците и Македонците се зајакнаа и го добија својот идентитет, Црногорците се „опоравија“ во смисла на идентификација, а Хрватите и Словенците ја проширија својата национална територија. Пирјевец заклучи дека секој доби нешто во национална смисла; сите овие „потчинети“ нации и/или угнетени општествени класи станаа еманципаторски „субјекти“ на сопствената историја и општествен напредок. Книгата „Партизани“ е објавена на словенечки во 2020 година. Преведена е на хрватски во 2024. Овој превод годинава го доживеа и своето второ издание. Интересот за неа огромен, затоа што јазикот на раскажувањето во неа е брз, чист, со огромни проверени детали и затоа се „голта“ во еден здив.
Како што вели Пирјевец во својот предговор, тој решил да им посвети и посебно внимание на партизанските движења во Словенија и Македонија. Во делот за Македонија повеќето работи се познати, особено за мисијата на Светозар Вукмановиќ – Темпо, но за некои работи се знае помалку. На пример, дека Тито со презир го нарекувал шефот на Покраинскиот комитет на КП Македонија, Методија Шаторов – Шарло „стар Бугарин“ и зошто македонските комунисти били поделени меѓу југословенската и бугарската партија: едната ги повикувала на борба, другата барала да причекаат (додека не дојде Црвената армија).
Во овој текст и во наредниот следната сабота ќе пренесеме дел од она што ги пишува Пирјевец за партизанското движење во Македонија, за соработката со грчките партизани и како комунистите ѝ дадоа поттик на македонската самобитност.
Шарло „стариот Бугарин“
Што пишува Пирјевец за 1941 година во Македонија по нападот на Германија и анексијата од страна на Бугарија:
„Покрај обесхрабрувачките вести кои пристигнуваа од Црна Гора Тито на почетокот од летото 1941 мораше да се соочи и со други горливи проблеми, пред сѐ сознанието дека македонските комунисти, кои ги водеше агентот на Коминтерната, Методија Шаторов Шарло (Charlot), се одвоија од КПЈ, го отфрлија нејзиниот повик на заедничка борба на сите југословенски народи против фашистичките окупатори и ѝ пристапија на Бугарската работничка партија. И покрај масовните апсења кои ги спроведуваше прогермански ориентираната влада во Софија, тие се одлучија на политика на чекање, што беше во склад со мислењето на Сталин дека во Бугарија нема зошто да се организира народно востание затоа што властите крваво би го задушиле, а тие во тој случај не би можеле да им понудат помош. Уште полошо беше што Коминтерната го благослови отцепувањето на Шарло. Тоа, меѓу другото, го докажуваше и фактот дека на Словенскиот конгрес, кој почна на 10 август 1941 во Москва, бугарските и македонските претставници настапија заедно. И тоа и покрај фактот дека, наспроти очекувањата, Советскиот Сојуз на 17 јули повторно воспостави дипломатски контакти со југословенската бегалска влада, отповикувајќи го со тоа своето претходно стојалиште дека Југославија веќе ја нема.
Тито не можеше да се сложи со таквата превртливост. Шарло ‘стариот Бугарин’, како што го нарекуваше со презир, го исклучи од КПЈ, а неговото дејствување го прогласи за ‘антиреволуционерно’, па со помош на својот човек од доверба Лазар Колишевски настојуваше да ги увери македонските комунисти да се ‘вратат во шталата’ и да почнат да се борат против окупаторот. Повторно покажа дека знае да одлучува самостојно без оглед на политичкото насочување кое преовладуваше во Москва, но тоа не ги промени односите во Македонија. Бугарската полиција го уапси Колишевски веќе во ноември 1941, а малубројните локални комунисти и понатаму соработуваа со бугарските другари и останаа пасивни во наредните две години“.
Во книгата многу детално се пишува за сложените односи во Врховниот штаб и во главните штабови на подоцнежните републики. Посебно комплициран бил случајот со Главниот штаб на Босна и Херцеговина, каде Светозар Вукмановиќ – Темпо ги заострувал работите.
„Тито не се занимаваше само со караниците во Врховниот штаб, туку и во Главниот штаб на Босна и Херцеговина. Во него уште во 1942 година дојде до остар судир меѓу Светозар Вукмановиќ – Темпо, задолжен таму да го организира востанието, со останатите водечки комунисти, особено со Родољуб Чолаковиќ, кој го обвинуваше дека е идеолошки фанатик подготвен да ги осуди другарите на смрт ако не се согласуваат со него, да носи важни одлуки на своја рака без консултации со Покраинскиот комитет на КПЈ и дека во пролетта 1942 ги препуштил на нивната судбина борците кои Германците ги опкружија во планинското подрачје на Озрен во северна Босна. ‘Темпо беше таков – од најборбено расположение можеше да западне во паника и едноставно ќе побегнеше правдајќи го тоа со ’повисоки причини‘ (…) Беше млад, не знаеше ништо за сложените односи во БиХ, имаше неограничена власт како делегат на Врховниот штаб и се покажа целосно недораснат на ситуацијата. Кога работите одеа добро тој сите успеси на движењето си ги припишуваше на своја сметка, одеше наоколу како паун, даваше наредби десно и лево, но кога востанието наиде на првите тешкотии, тој ја загуби главата и почна да бара виновници за нашите неуспеси. (…) И најпосле, кога 6. бригада беше во најголема криза (октомври 1942) избега од неа, кобајаги да фати врска со Врховниот штаб. За среќа тој веќе не се врати во источна Босна…’ (З. Антониќ – ‘Родољуб Чолаковиќ’)“.
Ризичното патување на Темпо
Потоа Пирјевец пишува како Темпо дојде во Македонија и кои биле вистинските причини.
„Со оглед на тоа (кавгите во Босна – н.з.) Темпо, кој молеше од крајот на февруари 1942 година да биде префрлен од Босна во Хрватска, Војводина или Македонија, бидејќи очигледно не се чувствувал добро во областа каде што дејствувал, требало некако да се искористи, Тито во ноември 1942 година реши да преземе потешка задача. Го испрати во Македонија, која беше анектирана од Бугарите, каде што почнаа да се појавуваат мали партизански одреди со Главен штаб формиран во јуни 1942 година. Како личен делегат на Тито, Темпо требаше да ја поттикне партизанската активност во Македонија и да се погрижи локалните комунисти да го признаат авторитетот на Врховниот штаб, придржувајќи се кон идејата на југословенството. Темпо тргна на ризично патување во јануари 1943 година и, поради лошите комуникации, не пристигна во Скопјe до крајот на февруари. Одлуката на Тито беше добра, бидејќи Темпо, и покрај црногорската превртливост, имаше важни предности: добро ја познаваше македонската ситуација, бидејќи таму дејствуваше илегално пред нападот на силите на Оската на Југославија, зборуваше македонски јазик и беше носител на важна идеја: Македонија не е српска, како што би сакале Србите, ниту бугарска, како што би сакале Бугарите, ниту грчка, како што би сакале Грците, туку е македонска.
Преправен како селанец, тој се упати кон Загреб, од каде што со фалсификувани документи патуваше со воз до Белград, каде што пристигна на почетокот на јануари 1943 година и таму остана еден месец. Откако на локалните партиски повереници им ги пренесе директивите на Врховниот штаб на почетокот на февруари тој замина во југоисточна Србија, каде што од почетокот на 1942 година, поради непријателство кон бугарските окупатори беше силно жариште на движењето на отпорот. На состанокот со партиските водачи и командантите на локалните партизански групи одлучено е низ цела Србија се формираат поголеми партизански одреди, кои треба да прераснат во бригади и да се приклучат на борбата. За разлика од четниците, партизаните не се плашеа од насилните дејствија на непријателот. Веднаш беа формирани 1. и 2. јужноморавски одред кои успешно се судрија во следните месеци со германски, бугарски, четнички и единици на Недиќ и секој на својето подрачје формира слободна територија.
Кога ја заврши својата задача во Србија, Темпо го продолжи патувањето кон Македонија, каде што пристигна на 26 февруари 1943 година, по патување кое траеше подолго од три месеци. Се најде во тешка позиција бидејќи партизанското движење, со оглед на специфичните околности што преовладуваа таму, тешко пушташе корења. Во Скопје, каде што Темпо остана три недели, Бугарите организираа постојани рации и блокади, така што илегалната работа беше многу отежната. Дури било опасно и да се зборува српски. Откако секретарот на Покраинскиот комитет на КП, Методија Шаторов – Шарло ја одби поканата на Тито за заеднички подготовки за отпор против бугарскиот окупатор и веднаш по поразот на Југославија ја оддели македонската партиска организација од КПЈ и ја придружи кон Бугарската работничка партија (комунисти), се чинеше дека областа целосно ќе се прилагоди на ситуацијата во Бугарија, каде што комунистите пасивно го чекаа доаѓањето на Црвената армија. Шарло дури го прогласи Тито за ‘англофил’, бидејќи по 22 јуни 1941 година, тој не застана во борбата против силите на Оската само на страната на Советскиот Сојуз, туку и на страната на Велика Британија. Работите се променија кога Москва се откажа од својата одлука да ја признае поделбата на Југославија и одлучи да воспостави дипломатски односи со кралската влада во егзил и утврди дека ќе биде корисно и во Македонија да ја поттикне востаничката активност на КПЈ. Ова го охрабри Тито во август 1941 година ‘стариот Бугарин’ Шарло, како што со презир го нарекуваше заедно со неговите поддржувачи да го исклучи од Партијата и да се обиде да формира ново покраинско раководство кое треба да се придружи на движењето на отпорот. И покрај заканата дека последиците од ‘секоја саботажа на тие задачи’ нема да значат ‘само исклучување од Партијата, туку и многу построги казни’ (виновните треба да бидат изведени пред партиски воен суд кој сè уште не постоел), неговата покана немаше ефект што вреди да се спомене“.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)