Пиперката „ајварка“ се откупува за 20 денари, а сезонците во Пелагонија бараат 350 денари од час за берење


БИТОЛА – Во незавидна ситуација се пелагониските земјоделци кои започнаа со бербата на пиперката – куртовска капија наменета за правење на ајвар и зимница, се жалат производителите.

Цената на откупот претходно беше договорена со откупувачите и трговците на 35 денари за килограм, но откупните компании сега им нудат по 20 денари за килограм и помалку, велат земјоделците.

Во исто време за да се собере родот земјоделците мора да ангажираат сезонски работници кои пак за берење на градинарски култури и тутун бараат највисоки цени од 350 денари од час или за работа од 6 часа денот дневница од 35 евра. „Математиката“ на земјоделците е дека ако порано со сезонските работници биле „ортаци“ во земјоделството, сега велат ќарот е кај аргатите.

„Бербата на црвената пиперка во Пелагонија почна, откупувачите ни нудат цена од 20 денари за килограм прва-втора класа род, пиперката стаса и мора да се набере. Зедов шест работници од Битола, побараа 350 денари за час, храна и платено такси од дома до нива. За работа од 6 часа денот еден работник ме чини 2.100 денари, шесте работници денот ме чинат над 200 евра денот, плус храна и такси. Колку треба да биде килограм пиперка за да се исплатат трошоците? Прашањето е што е поисплатливо да се биде производител или аргат, оти и јас и целата фамилија бериме пипер, а пари не остануваат? “, изјави земјоделец од Пелагонија.  

Земјоделците од Добрушево велат дека од вчера цената на пиперката „ајварка“ падна и под 20 денари за килограм.

„Во селото Ношпал вчера се откупуваше по 18 денари за килограм пиперката ‘ајварка’“, вели Данчо Чурлиновски.

„Не по 20 денари, пиперката ‘ајварка’ воопшто не се откупува. Отвараат пункт два дена наоѓаат ‘во јајцето влакно’,  не чини пиперката и прекинуваат со откуп. Не му треба пиперка и си играат со народот. Струмичко ги зедоа за без пари и сега Пелагонија како сакаат така ќе си играат“, вели земјоделецот Кире Димоски.

Кире Костов вели дека –„Догодина сите ќе одиме аргати, ако има кај кого.“

Земјоделците уште се жалат дека откупувач на пиперка – куртовска капија од Демирхисарско, за лани се уште им ги нема исплатено пиперките, па наместо пари им нудел репроматеријали.

„Откупувач познат од Пелагонија, уште ни должи за ланскиот откуп, и наместо пари ни понуди пластични цевки за систем капка по капка, за наводнување на нивите, ни нуди ѓубрива, билки и најлони за пластениците. Само пари не ни дава и никому ништо. Оваа држава стои нема, за таквите нема закон“, велат земјоделците од Пелагонија кои сакаа да останат анонимни.

Министерот за земјоделство Борче Серафимовски минатата недела беше на средба со пелагониските производители на пиперка. Посети неколку откупни пунктови за пиперка и разговараше со земјоделците за приемот на пиперката, начинот на класифицирање и почитувањето на договорените цени.

„Нема да дозволиме во откупот да има простор за нејасни критериуми и различни толкувања на квалитетот на предадената пиперка“, порача Срафимовски по средбата.

Министерот по протестите на земјоделеците од Струмица, производители на пиперката – куртовска капија кажа дека по завршувањето на бербата на пиперката ќе започнат со подготовка на системски решенија што ќе донесат поголема предвидливост и поголема сигурност за земјоделците.

„Ги слушнав забелешките на земјоделците и порачав дека договорените цени и класификацијата мора доследно да ја почитуваат сите страни. За секоја утврдена неправилност ќе следува законска постапка. Притоа, потсетувам дека државата не ја определува пазарната цена, но ќе обезбеди транспарентен и фер откуп, во кој трудот на земјоделецот ќе биде правилно вреднуван и платен.

На земјоделците не им се потребни тензии, туку сигурен откуп и институции што ќе останат со нив до конечното решавање на проблемот. По завршувањето на бербата ќе започнеме со подготовка на системски решенија што ќе донесат поголема предвидливост и поголема сигурност за земјоделците“, изјави Серафимовски.