Муцунски во Киев: Македонија стои зад Украина


Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски објави дека престојува во Киев, по 20 часа пат – со авион, воз и автомобил.
 
„Една од организациски најсложените, но и најзначајните посети. Посета што е потврда за силното пријателство и поддршката. На покана на украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха денеска престојував во еднодневна официјална посета на Киев, Украина.
Разговаравме за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и билатералната соработка, европската перспектива и актуелните безбедносни предизвици. Ја потврдив нашата цврста и континуирана поддршка за Украина и за принципите на суверенитет, територијален интегритет и меѓународно право.
 
Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила.
 
Безбедноста на Украина е европска безбедност. Американското лидерство и европската одговорност мора да дејствуваат заедно за да се создадат услови за праведен и траен мир.
Нашата поддршка ќе продолжи, а кога ќе дојде времето за обнова, сакаме да бидеме тука не само како пријател, туку и како партнер во закрепнувањето и реконструкцијата на Украина“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.