Утре почнува Виноскоп 2026


 Од утре, 13 мај, Градскиот парк во Скопје, на локацијата „Школка“, повторно ќе биде центар на добрата енергија, врвното македонско вино, богатата гастрономија и квалитетната музика, со почетокот на јубилејното 15. издание на фестивалот „Виноскоп 2026“.

Фестивалот, кој се организира под покровителство на Град Скопје, ќе трае пет дена, до 17 мај 2026 година, и ќе понуди богата програма за сите љубители на виното, музиката и урбаното дружење.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни видови вина од бројни македонски винарии и производители на квалитетно македонско вино, претставени на фестивалските штандови. Покрај винската понуда, фестивалот ќе понуди и разновидна гастрономска содржина, како и музичко-забавна програма со настапи на домашни музички изведувачи, бендови и диџеи.

Програмата на фестивалот започнува во 18:00 часот во среда и четврток, во 17:00 часот во петок, додека за време на викендот, во сабота и недела, посетителите ќе можат да уживаат во дневната програма која започнува од 12:00 часот.

Годинава, „Виноскоп 2026“ носи и тематски музички вечери, како и специјална дневна програма под концептот „Блуз и вино“, наменета за сите љубители на автентичниот звук, добрата атмосфера и квалитетното вино.

Преку организацијата на „Виноскоп“, Град Скопје продолжува со поддршката и промоцијата на македонските производители на вино, винската традиција и потенцијалот на земјата за развој на винскиот туризам.

Организаторите ги покануваат сите граѓани и посетители да бидат дел од „Виноскоп 2026“ – пет фестивалски денови исполнети со вино, музика, гастрономија и незаборавна дружба во срцето на Скопје.