Град Скопје со рекордна реализација на инвестиции во првиот квартал – опозицијата ги гледа како нејзини


Во првите месеци од 2026 година, Скопје бележи значителен напредок во реализацијата на капиталните инвестиции, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Според податоците што ги презентираше, во првиот квартал се реализирани 335,75 милиони денари, што претставува 18,12% од вкупно планираните средства за 2026 година. До април, реализацијата достигнала 464,45 милиони денари, што, како што истакна, е највисок априлски резултат досега.

Заклучно со 8 мај 2026 година, вкупната реализација на капиталните инвестиции надминала 480 милиони денари, односно околу 26% од планираните средства. Ѓорѓиевски посочи дека ова темпо е значително повисоко во споредба со претходни години, нагласувајќи дека за само неколку месеци се надминати резултати од цели шестмесечни периоди во минатото.

Паралелно со инвестициите, како што информира градоначалникот, исплатени се сите заостанати субвенции за велосипеди, инвертер-клими и стипендии, а обезбедени се и 467,9 милиони денари за стабилизација на јавните претпријатија.

Тој додаде дека во последните 4,5 месеци обврските на јавните претпријатија се намалени за околу 38,5 милиони евра. Најголемо намалување е забележано во ЈП „Водовод и канализација“, каде долговите се намалени за 1,55 милијарди денари.

Дополнително, долговите на Градот Скопје се намалени за 11,6 милиони евра, што, според градоначалникот, укажува на стабилизација на финансиската состојба.

Ѓорѓиевски заклучи дека системот во градските институции се стабилизира, платите се редовни и дека Скопје продолжува со засилено темпо на работа и реализација на проекти.

 

– Сето ова вака прикажано со графикони, со бројки убаво звучи, меѓутоа граѓаните и нас советниците нѐ интересира како е во реалноста. Значи, статистиките се едно, реалноста е друго. Цело време ги зборувате капиталните проекти и инвестиции, но нѐ интересира кои се тие капитални проекти кадешто бележите вие инвестиции – рече советичката Катерина Јовановска. 

Додаде дека повеќето проекти, се проекти коишто се започнати во минатото од некои претходни градоначалници, некои се реализираат веќе по една деценија, „така што не можеме да направиме некоја кој знае каква паралела, дека имаме кој знае какви инвестиции, кога вие само завршувате капитални проекти што некој пред вас ги почнал. И тоа е успех, не велам не, но тоа е за една друга анализа, зошто досега не се завршени“.

– Не сум слушнал говор на градоначалник, а сум слушнал многу, кадешто она што го зборува нашиот градоначалник и реалноста се толку одвоени едно друго. А што кажува реалноста? Реалноста на пример во мојата општина кажува дека таму кадешто се собираше ѓубрето по два пати неделно, сега се собира само еднаш. реалноста кажува дека луѓето од сабајле се откажуваат од користење на јавниот превоз затоа што е преполн и нехигиенски. Реалноста кажува дека ние овде зборуваме за обновување на механизацијата во комуналното претпријатие со кредити, исто за реализација на БРТ со кредит и енергетски ефикасни фасади повторно на кредит. Или секое ветување на власта е ново задолжување на граѓаните – рече советникот Горан Симоновски.

Тие му забележаа на градоначалникот дека е невкусно да се споредува со реализации од 2022 и 2023 година, кога советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаа проектите, па ни претходната градоначалничка не можеше да реализира ништо без поддршка од советниците. 

Сметаат дека не може Ѓорѓиевски да се фали со пуштање на мостот „Михајло Апостолски“, кој е одамна изграден, а да се претставува дека за три месеци тој направил мост.(Б.Б.) 

 

.