Германците воведуваат контроли на сите граници – кога почнуваат и колку ќе траат


Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер одлучи привремено да ги прошири контролите на сите германски национални граници, пренесува Дојче веле. Причините за тоа се ограничување на нерегуларната миграција, но и заштита на внатрешната безбедност од актуелните закани на исламистичкиот тероризам и прекуграничниот криминал, објаснува Фезер.

Дополнителните контроли се планира да започнат на 16 септември, а првично ќе траат шест месеци. Тоа значи дека „целиот пакет стационарни и мобилни мерки на граничната полиција ќе биде воспоставен на сите граници, вклучувајќи ја и можноста за одбивање влез во согласност со европското и националното право“, се вели во соопштението на германското Министерство. Воедно, како што се додава, вознемирувањето на оние кои одат на работа во малиот граничен сообраќај преку граница треба да биде што помало.

Во средината на октомври минатата година, министерот воведе стационарни контроли на границите со Полска, Чешка и Швајцарија. Вакви контроли има на германско-австриската копнена граница од септември 2015. Сега – како што беше воведено за време на Европското фудбалско првенство – ќе има контроли на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и Данска.

Контролата на внатрешните граници во Шенген зоната може да се воведе само во исклучителни случаи, а тоа мора да се пријави до Европската комисија.

Австрија не сака да ги прифати одбиените
Покрај граничните контроли, министерот Фезер најави и проширување на правилата за одбивање мигранти на германските граници – без да даде детали. Германската влада, по минатонеделната средба со претставници на опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ), како и со претставници на покраините, „развила модел за ефективно одбивање во согласност со европските закони“, соопшти Министерството, додавајќи дека овој модел „го надминува“ она што е направено досега.

Одбивањето за влез на германските граници е можно само кога контролите се директно на границата. Според МВР, од октомври 2023 година при проверките биле откриени околу 52.000 неовластени влезови во Германија, а одбиени се 30.000 лица. Одбивањето во моментов е можно само во одредени случаи: ако некому му е забранет влез во земјата или не поднел барање за азил.

Австрија веќе најави дека не сака да прифати ниту еден мигрант што Германија ќе го одбие. „Австрија нема да прифати луѓе на кои им е одбиен влез во Германија“, изјави министерот за внатрешни работи Герхард Карнер за германските медиуми. „Нема да има исклучоци, тоа е закон. Затоа му наложил на шефот на австриската федерална полиција да не врши никакви преземања.

Полицијата смета дека тоа тешко се спроведува во пракса
Претставниците на полицијата и експертите во голема мера ги критикуваат новите одлуки на Министерството. Полицискиот синдикат (БДП) исто така ги критикуваше претходно воведените гранични контроли. „Дополнителното распоредување на персонал е превисока цена за тоа што го постигнуваме“, рече претседателот на БДП, Андреас Роскоф, додавајќи дека зголеменото распоредување на границата и прераспоредувањето на персоналот може да ги направат другите локации помалку безбедни.

Истовремено, како што појасни, секој што сака илегално да влезе во земјава или да криумчари луѓе сега ќе знае каде се спроведуваат зголемените контроли. Мерките се премногу ригидни и нефлексибилни, рече претседателот на полицискиот синдикат.

Во принцип, синдикатот ја поздравува одлуката за одбивање на барателите на азил на границите, но смета дека таа треба да се регулира на тој начин што полицајците „после тоа да немаат правни проблеми“. Според синдикатот, Федералната полиција, која е одговорна за граничните контроли, веќе е ангажирана до крај.

Експерти: Стационарни контроли се лошо решение
Критики доаѓаат и од Експертскиот совет за интеграција и миграција (СВР), тело кое ја советува германската влада за овие прашања. СВР е против постојаните стационарни контроли во Шенген зоната, а нивните аргументи се слични на оние што ги презентира полицискиот синдикат.

„Шверцерите на луѓе брзо се прилагодуваат на ова, а тоа предизвикува и високи економски трошоци кога има застој на границите“, се вели во соопштението на Експертскиот совет.

„Во суштина, потребно е европско решение ако сакате подобро да ја контролирате и ограничите миграцијата на бегалците. И поголема соработка со земјите на потекло и транзит“, рече претседателот на СВР, Ханс Ворлендер.

„Не помагаат повиците за дополнителни измени и заострување на законот, ако всушност проблемот е како сето тоа да се спроведе.“