По погребот на Навални, приведени десетици лица во Русија


За време и по погребот на Навални, приведени десетици лица во Русија
Верувањата на Навални нема да исчезнат – идеите не можат да се измачуваат, трујат или убиваат. Тој останува инспирација за многумина во Русија и пошироко“, наведе на Икс високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел
Од Сања Костовска
17:32, 1 март, 2024
За време и по погребот на Навални, приведени десетици лица во Русија

Во Москва беше погребан рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, а целата церемонија ја обезбедуваа голем број полицајци. По погребот, полицијата започна акција за апсење на сите кои извикуваа спорни пароли и според првичните извештаи, низ цела Русија приведени се најмалку 45 лица.

 

Руската група за човекови права ОВД-инфо наведува дека се приведени повеќе од 45 лица низ цела Русија, а најмногу – 18 лица се приведени во Новосибирск.

Соработниците на Навални го пренесуваа настанот во живо на Интернет. Повеќе од четвртина милион луѓе во живо го следеа стримингот од погребот на Навални на неговиот канал на Јутјуб, кој е блокиран во Русија.

Портпаролката на Алексеј Навални, Кира Јармиш, објави видео на Икс од погребот.

Во исто време, блиски соработници на починатиот Навални го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека го убил затоа што, наводно, не можел да ја толерира помислата дека Навални ќе биде ослободен во потенцијална размена на затвореници.

Погребот беше проследен од западните медиуми, а на збогувањето пристигнаа и странски амбасадори во Москва, меѓу кои и оние на САД, Франција и Германија.

Западните лидери повторно изразија сочуство, потенцирајчи дека тој е и ќе биде инспирација за многумина.

„ЕУ изразува сочувство до семејството и пријателите на Алексеј Навални. Амбасадорот на ЕУ и другите дипломати оддаваат почит. Верувањата на Навални нема да исчезнат – идеите не можат да се измачуваат, трујат или убиваат. Тој останува инспирација за многумина во Русија и пошироко“, наведе на Икс високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

„Путин се обиде да го замолчи Алексеј Навални. Но, светот гледаше. На денот на неговиот погреб, се сеќаваме на неговиот дух на пркос пред лицето на бруталноста на рускиот режим и неговата храброст да се спротивстави на корупцијата. Мораме да продолжиме да ја повикуваме Русија на одговорност“, напиша на Икс министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство Дејвид Камерон.

Погребот на Алексеј Навални ја собра руската опозиција во најголем број во изминатите три години, поточно од јануари 2021 година, кога Навални беше затворен.

Би-би-си пишува дека е можно Кремљ да не го доживеал погребот како доволна закана, па не го ни забранил, што не би било изненадувачки.