Гази Баба дава субвенции за сончеви колектори
Општина Гази Баба оваа година за прв пат ја реализира мерката за доделување на субвенции на граѓаните за набавка и вградување на сончеви термални колектори за што објавен e и јавен повик.
За јавниот повик, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски информираше со објава на својата официјална страна на фејсбук.
„За прв пат, Општина Гази Баба доделува субвенции на граѓаните за набавка и вградување на сончеви термални колектори! На граѓаните – купувачи на сончеви термални колекторски системи (колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација), кои ќе ги купат и вградат во своите домови, општина Гази Баба ќе им надомести дел од трошоците во висина од 50%, но не повеќе од 15.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство за 2024 година, под услов купувачите досега да не користеле средства од буџетот за купување сончеви термални колекторски системи во својот дом“, пишува Стефковски.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во својот дом во периодот од денот на објавување на јавниот повик се до 30 ноември 2024 година односно до исцрпување на финансиски средства наменети за оваа намена од Буџетот на Општина Гази Баба за 2024 година.
Ги повика граѓаните да аплицираат и да ја искористат мерката!