6. Фестивал за класичен балет и модерен танц, наградата за животно дело „Ѓорѓи Македонски“ за Зоица Пуровска-Велевска


Шестото издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Македонскиот народен театар, во организација на Детскиот културен центар – Карпош.

Како што соопштуваат организаторите, ова уникатно културно случување, единствено од ваков тип во нашата земја, веќе шест години претставува значајна референтна точка за сите љубители на балетската уметност и современиот танц. Како што истакна директорката д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска, фестивалот претставува простор на кој се среќаваат традицијата, современиот израз и младите таленти кои се иднината на македонската танцова сцена.

Организацискиот одбор на фестивалот едногласно одлучи престижната награда за животно дело „Ѓорѓи Македонски“ оваа година да ѝ биде доделена на Зоица Пуровска-Велевска како признание за нејзиниот исклучителен придонес во развојот и афирмацијата на балетската уметност, истакна м-р Маја Каревски, која се јавува и како уметнички директор на фестивалот.

Исто така, награда „Ѓорѓи Македонски“ се доделува на талентираниот млад танчар Лука Ѓорѓиевски за неговата креативност, но и труд, уметнички потенцијал, посветеност и достигнувања во областа на танцовата уметност.

Во рамките на шестото издание ќе бидат реализирани две фестивалски вечери и две работилници посветени на класичниот балет и модерниот танц. Публиката ќе има можност да проследи настапи на извонредни и талентирани танчари, балерини и уметници, кои преку својата уметност ја продолжуваат и збогатуваат македонската танцова сцена.

Гости на фестивалот ќе бидат солистите Наташа Трендафилова-Гицев и Baláz Lőcsei од нашата Национална опера и балет, Националниот балет на Косово, учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, гости од Istanbul Junior Ballet, како и „Денс студио Мак“ од Куманово, балетското студио „Балерина“, како и членовите на балетската секција при Детскиот културен центар – Карпош од Скопје.

Статуетките и оваа година се изработени специјално за фестивалот од M Art Gallery, а поддржувачи на фестивалот се и Mayo store.

Фестивалот за класичен балет и модерен танц се реализира со поддршка на Град Скопје.