Хојт Ји: САД ќе останат на Балканот


САД се присутни во Западен Балкан и планираат да останат посветени на регионот, изјави американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија Хојт Ји.

„САД се долго присутни во Западен Балкан и планираме да останеме не поради алтруистички инстикт туку затоа што ни е важно Балканот да успее, да стане просперитетно место“, рече Ји на конференцијата „Бура која претстои? Креирање на иднината на Балканот во ера на неизвесност“, во организација на Атлантскиот совет, што се одржа во Вашингтон.

Тој додаде дека е важно за Европа, а важно е и за САД, Западен Балкан да се развие во просперитетно место.

„Сега ќе помогнеме во тоа. Американската администрација јасно покажа не само со зборови, туку и со дела, дека е посветена на регионот“, наведе Ји

Тој потенцира дека САД сакаат да бидат добар партнер на земјите од Западен Балкан, како и Европската унија.

„Но, не сакаме да се наметнуваме. Ќе помогнеме каде што сме пожелни и веруваме дека постои улога за САД, да можеме да дадеме позитивен придонес и тоа ќе го направиме, рече Хојт Ји.