СДСМ објави уште пет кандидати за градоначалници


Фото: Б. Грданоски

Синоќа Извршниот одбор дефинираше уште пет кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ. Ова се кандидатите кои според сите истражувања, анализи и испитувања на јавното мислење се најдобрата понуда за општините Берово, Гази Баба, Неготино, Могила и Ранковце, соопшти претседателот на СДСМ Зоран Заев:

1. Ѕвонко Пекевски – Берово
2. Борис Георгиевски – Гази Баба
3. Јасмина Гулевска – Могила
4. Тони Делков – Неготино
5. Даниел Крстевски – Ранковце

Процесот на консултации и на селекција продолжува и натаму, до крајот на август ќе бидат дефинирани сите кандидати за градоначалници во општините во кои со свој кандидат ќе настапи СДСМ, вели Заев.

Претходно, кон средината на овој месец, СДСМ номинира триесетина кандидати за градоначалници од кои повеќето се веќе актуелните. Но меѓу нив не беа оние на Аеродром, Карпош и Центар кои поднесоа кандидатури и чекаат поддршка од партијата. Ќе добијат ли пак амин Богоев, Богдановиќ и Марин од Заев? Тој најави нови соопштувања на кандидатури во август, а во вчера објавената листа, овие актуелни градоначалници не го најдоа своето место за  поддршка од партијата.

Исто така, и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски не е меѓу официјалните кандидатски имиња иако ја очекува поддршката на Заев. Тој е еден од ретките градоначалници кој често пати отворено го изразуваше својот политички став различен или спротивен со тој на СДСМ.

Мртва трка во внатрепартиските анкети е и во Битола, помеѓу актуелната градоначалничка Наташа Петровска, и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.