30 години културна убавина: Каролина Гочева со онлајн концерт од Пелистер


Поп-ѕвездата Каролина Гочева- Корубин утре (21 септември) ќе има онлајн концерт, во живо од Пелистер. Концертот може да се следи на Facebook платформата и Youtube каналот на @avalon.produkcija во 21 часот. Настанот е дел од проектот “30 години културна убавина” во рамки на јубилејот 30 години Независност, поддржани од Владата.

Гочева е актуелна со новиот албум, кој ќе биде готов есенва, а како најава го промовираше првиот сингл „Идила“. Станува збор за албум со 11 песни, преработки на најубавите македонски евергрини, во соработка со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.

„Многу се радувам што конечно можам да Ви го најавам мојот нов албум – проект на кој заедно со @dukebojadziev и @ismail_lumanovski работевме скоро две години. Албумот го снимивме на почетокот на оваа година, во јануари, додека идејата за истиот се роди уште во 2016та, после нашиот прв заеднички настап, на еден концерт на Дуке. Избравме и преработивме 11 од најубавите македонски евергрини од 50ти, 60ти, 70ти години- златната ера на македонската музика, потпишани од некои од нашите најмаркантни автори како Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица…

Секако дека планираме и нестрпливо го чекаме денот кога со вас ќе се дружиме и во живо, што ќе се случи во прва прилика штом ќе може да се работи онака како што се работеше до пред појавата на пандемијата. Се надевам дека ќе уживате во овој проект толку колку што и ние уживавме во целиот процес на неговото создавање. Ве сакаме“, напиша претходно Каролина на својот Инстаграм профил.