27 април, презентација на смс пораки: „ Шекерка мене остајте ми ја“

Во Кривичниот суд на денешното рочиште за „27 април“ се презентираат смс и вибер пораките од телефонот на пратеникот Крсто Мукоски, што ги испраќал дента кога се случи насилниот упад во Собранието на Република Македонија.

Најпрвин се презентираше комуникацијата на вибер групата, меѓу пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Васил Пишев, Бети Кузмановска, Емил Димитриев, Миле Јанакиески и други лица од 27 април мината година.

Вибер комуникацијата почнала во 17:48 часот. Марија Кожеклиска во групата пишала „известени се ОК”, Цветан Трипуновски пишува „што се дешава во собраниска сала”, а Јохан Тарчуловски „се брани Македонија” … „удрија душмани”…„нема назад”.
Васил Пишев пишува „браќа и сестри нема пуштање, ако треба ќе гинеме за Македонија”, Спире Ристески – „појачајте од секаде” , Сашо Лазаревски – „Заев одржува прес во моментов”, Миле Јанакиески-„пред Собрание. Повеќе и повеќе народ”. Сашо Лазаревски пишува „Села веќе може да е аут”, по што Саше Стефановски пишува „ 50 возила и автобуси од Битола“, а Јанакиески пак пишува „ го завземавме просторот”.
Во 20:36 часот, кога веќе толпата е влезена во Парламентот, соговорник во вибер групата на телефонот на Мукоски пишува „Зоки требаше до сега на едно друго место да биде…ама за тоа другпат“.

Во вибер комуникацијата се вклучува и жена, која во телефонот на Мукоски била запишана како колешка Чаир. Таа пишива „ Шекерка мене остајте ми ја. Отварајте дечки вратите”.

Во судот беа презентирани и пораките од телефонот на Весел Мемеди. Тој добива пораки – „дали сте безбедни вантре. Дај Боже оваа работа да помине без проблем“, потоа „дали да се организираат да доаѓаат во Скопје и дали има потреба да го спасуваат“. Тој им одговара дека е на безбедно и нема потреба да доаѓаат, но дека ситуацијата е многу лоша.

Во моментов е дадена пауза од еден час, по што треба да продолжи судењето.
На минатото рочиште беше презентирана комуникацијата од мобилниот телефон на поранешниот претседател на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски.