Македонските директори поголеми оптимисти од колегите во светот

Македонските менаџери се поголеми оптимисти за идниот економски раст во однос на извршните директори во светот, покажува глобалното истражување на „Прајсвотехаус Куперс“. Така, додека само 22 отсто од директорите на глобално ниво сметаат дека економскиот раст ќе се зголеми, кај нас тоа го очекуваат дури 40 отсто од анкетираните менаџери. Исто така, додека само 26 отсто од директорите во Македонија сметаат дека глобалниот економски раст ќе трпи опаѓање, на глобално ниво тоа го очекуваат 53 отсто од нивните колеги.

Како што покажува истражувањето, извршните директори се големи песимисти во однос на изгледите и перспективите на глобалната економија, при што 53 отсто во 2020 година предвидуваат пад на стапката на економски раст. Ова е највисокото ниво на песимизам откако се започнати анализите околу ова прашање во 2012 година. За разлика од тоа, бројот на извршни директори што предвидуваа пораст на стапката на економски раст се намали од 42 отсто во 2019 година на само 22 отсто во 2020 година. Ова се некои од клучните наоди од 23-та анкета на „Прајсвотерхаус Куперс“, во која беа вклучени скоро 1.600 извршни директори од 83 земји од целиот свет, наоди кои беа промовирани на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Истражувањето вчера беше презентирано и во Стопанската комора на Македонија.

Во истражувањето се опфатени повеќе индустрии и тоа: автомобилската, металната, ИТ-секторот, финансиски институции, секторот енергетика и нафта, како и малопродажбата. За истражувањето свое мислење дадоа 43 извршни директори од домашни компании на прашања поврзани за: економскиот раст и нивни очекувања, ставови во однос на вработувањата и развојот на вработените, за степенот на дигиталното унапредување и кои се предизвиците со кои се соочуваат во оваа сфера и очекувањето за иднина – што може да нè очекува?

Согласно споделеното мислење, се наметнаа 4 клучни теми и тоа: несигурноста која ги поткопува видиците; унапредување на вештините на човечките ресурси веќе не е точка на разгледување; поставување на заштитни механизми во сајбер-просторот и климатските промени (можности затскриени во криза).

Истражувањето во основа покажа дека во сите региони во светот, директорите предвидуваат забавен економски раст, како и дека нивните очекувања за растот на приходите на компаниите се најниски, по песимистичките очекувања од 2009 година. Според анкетираните најголема закана за економскиот раст се регулативите и трговските конфликти.

На презентацијата во Стопанската комора, меѓу другото, било нагласено дека е неопходно да се обезбеди стабилна политичка и бизнис клима, како и да постои национална бизнис стратегија која би ја следеле и компаниите и воедно би се чувствувале посигурни и покомотни во спроведување на стратегиите во преземање на ризици за нови проекти, нови инвестиции и вработувања. Исто така, дека е неопходно подобрување на воспитно-образовниот систем и инфраструктурата во државата што ќе придонесе да се зголеми економскиот раст и развој.