17 ноември во историјата – Отворен е Суецкиот канал


 

Суецкиот канал, кој ги поврзува Средоземното и Црвеното Море, е отворен на раскошна церемонија на која присуствуваше француската царица Евгенија, сопруга на Наполеон III.

Во 1854 година, Фердинанд де Лесепс, поранешен француски конзул во Каиро, обезбеди договор со отоманскиот гувернер на Египет за изградба на канал долг 160 преку Суецкиот Истмус. Меѓународен тим инженери изготви план за изградба, а во 1856 година беше формирана Компанијата за Суецкиот канал, на која ѝ беше доделено правото да го управува каналот 99 години по завршувањето на работата.

Изградбата започна во април 1859 година, а на почетокот копањето се вршеше рачно со мотики и лопати што ги користеа принудни работници. Подоцна пристигнаа европски работници со багери и парни лопати. Работните спорови и епидемијата на колера ја забавија изградбата, а Суецкиот канал не беше завршен сè до 1869 година – четири години доцнење од предвидениот рок. На 17 ноември 1869 година, Суецкиот канал беше отворен за пловидба. Фердинанд де Лесепс подоцна ќе се обиде, безуспешно, да изгради канал преку Панамскиот Истмус.

Кога се отвори, Суецкиот канал беше длабок само 7,6 метри, широк 22 метри на дното и широк 60 до 90 метри на површината. Следствено, помалку од 500 бродови пловеа по него во првата целосна година од работењето. Сепак, големите подобрувања започнаа во 1876 година, а каналот наскоро прерасна во една од најпрометните бродски линии во светот. Во 1875 година, Велика Британија стана најголем акционер во Компанијата на Суецкиот канал кога ги купи акциите на новиот отомански гувернер на Египет. Седум години подоцна, во 1882 година, Велика Британија го нападна Египет, започнувајќи долга окупација на земјата. Англо-египетскиот договор од 1936 година го направи Египет практично независен, но Велика Британија ги задржа правата за заштита на каналот.

По Втората светска војна, Египет инсистираше на евакуација на британските трупи од зоната на Суецкиот канал, а во јули 1956 година египетскиот претседател Гамал Абдел Насер го национализираше каналот, надевајќи се дека ќе наплати патарини што ќе платат за изградба на масивна брана на реката Нил. Како одговор, Израел изврши инвазија кон крајот на октомври, а британските и француските трупи се истоварија на почетокот на ноември, окупирајќи ја зоната на каналот. Под притисок на Обединетите нации, Велика Британија и Франција се повлекоа во декември, а израелските сили се повлекоа во март 1957 година. Тој месец, Египет ја презеде контролата врз каналот и го отвори повторно за комерцијален бродски сообраќај.

Десет години подоцна, Египет повторно го затвори каналот по Шестдневната војна и израелската окупација на Синајскиот Полуостров. Во следните осум години, Суецкиот канал, кој го одделува Синај од остатокот од Египет, постоеше како фронтова линија меѓу египетската и израелската армија. Во 1975 година, египетскиот претседател Анвар ел-Садат го отвори повторно Суецкиот канал како гест на мир по разговорите со Израел. Денес, десетици бродови пловат низ каналот дневно, носејќи повеќе од 300 милиони тони стока годишно.