15 јануари во историјата – Убиени се Роза Луксембург и Карл Либкнехт


 

Роза Луксембург и Карл Либкнехт беа водечки социјалисти и револуционери во Германија, познати по нивното спротивставување на милитаризмот и застапувањето на радикална промена во капиталистичкото општество. Нивните политички дејствија и учења останаа релевантни во подоцнежните историски дискусии за улогата на работничката класа во борбата за пофер општество. Тие беа убиени од паравоени единици по неуспешното востание во 1919 година.

Роза Луксембург е родена во полско-еврејско семејство во Замошќ, тогашен дел од Руската империја. Уште како млада активистка, таа се приклучи на полското социјалистичко движење, но поради прогон, емигрираше во Германија. Таму се приклучи на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и наскоро стана позната како критичар на реформизмот во рамките на партијата.

Во делото „Реформа или револуција“ таа се залагаше против умерениот пристап на Едуард Бернштајн, тврдејќи дека промените преку реформи во рамките на капитализмот не можат да доведат до ослободување на работничката класа. Во своите настапи, таа беше директна и бескомпромисна, што им се допаѓаше на луѓето во време кога Германија беше целосно исцрпена од Големата војна.

Луксембург беше исклучително критична кон политиката на поддршка на Првата светска војна. Во 1916 година, таа ја основа Сојузот Спартак заедно со Либкнехт, која се залагаше за масовен отпор кон војната и соборување на капиталистичкиот систем. Карл Либкнехт, син на истакнатиот социјалдемократ Вилхелм Либкнехт, беше адвокат кој стана познат по своето јавно противење на војната, гласајќи против воените заеми во Рајхстагот во 1914 година. Ова го направи единствениот политичар во германскиот парламент кој зазеде таков став, што резултираше со негово затворање за „предавство“.

Сојузот Спартак се разви во радикална политичка сила која учествуваше во востанието во 1919 година со цел да се воспостави социјалистичка република во Германија. За време на овие превирања, владата предводена од социјалдемократот Фридрих Еберт ја ангажираше десничарската паравоена група Фрајкорпс за да го потисне востанието. Луксембург и Либкнехт биле заробени на 15 јануари 1919 година во Берлин, по што беа убиени без судење. Либкнехт бил застрелан, додека Луксембург била претепана, убиена и фрлена во речен канал.

Покрај политичкиот активизам, Луксембург остави значајно теоретско наследство. Во своите дела, таа ја анализирала динамиката на капиталистичкиот систем, посочувајќи на потребата од меѓународна соработка на работничката класа. Во текстот „Акумулација на капиталот“, кој го напишала непосредно пред Првата светска војна, таа го сметаше проблемот на империјализмот и експанзијата како последици од неодржливоста на капиталистичкиот систем.

Нејзиниот став за националното прашање беше контроверзен – таа се спротивставуваше на полската независност, верувајќи дека без социјална револуција, националната слобода нема да донесе вистинско ослободување на работниците. Полските националисти ја навредуваа поради ова, додека други ја сметаа за теоретичарка пред своето време.

Либкнехт беше моќен оратор и организатор кој инсистираше на политичко единство на работничката класа против капиталистичката елита. Неговиот антивоен проглас на 1 мај 1916 година, кој заврши со познатиот извик „Долу војната, долу владата!“, му донесе голема популарност меѓу работниците, но и прогон од властите.

Со атентатот врз Луксембург и Либкнехт, револуцијата во Германија беше задушена, отворајќи го патот за стабилизација на Вајмарската Република. Нивната смрт беше предмет на остри политички поделби и послужи како пример за репресија на работничката класа. Дури и денес, нивните имиња се поврзани со отпорот кон неправдата и прашањето за радикални промени во општествениот поредок.