14 години без Тоше: Твојата ѕвезда се уште силно сјае на македонското небо
Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред 14 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
По повод 14 -годишнината од загинувањето на нашата и балканска мегаѕвезда, ултрамаратонците го започнаа својот маратон за да денес напладне стигнат во родното Крушево на Тоше и на неговото вечно почивалиште, на Гумење, за да му оддадат почит на големиот музичар и хуманитарец.

Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.
Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево во април, годинава, одбележа 10 години откако е отворена за посетители, за обожаватели и за гости во чест на голема музичка ѕвезда. За десет години ја посетиле преку 700 000 гости. На 25 април 2011 година е отворен овој импозантен музеј, Спомен дом кој една деценија ја раскажува приказната за Тоше, за големиот музичар, за хуманистот, човекот кој и денес ги плени срцата на луѓето од земјава, Балканот и од Европа.
Спомен-куќата е симболиката на сѐ во што веруваше Тоше, најпосетуваниот музеј на овие простори и со меѓународна награда за уникатно архитектонско дело. Во него се изложени 350 експонати, предмети, дел од животот на Тоше, а во депото има уште.