1 Мај без масовни протести поради ковид кризата, но со гласни барања за работнички права (фото)


Фото: Б. Грданоски

Помеѓу пораките на политичарите за нивната грижа за работниците и поплаките на синдикатите за влошените работнички права – вака годинава се одбележува  Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, втора година по ред во услови на пандемија. 

Ковид кризата и потребата да се почитуваат здравствените протоколи и годинава беа причина за помала масовност на работничките протести, но пораките и поплаките кои ги изнесоа денес синдикалните организации, укажуваат дека за време на пандемијата дојде до влошување на правата на работниците и до нивно поголемо кршење. Односно, корона кризата само ги нагласи проблемите со кои се соочуваат работниците и кои со години чекаат на решавање.

За жал, синдикалните организации и овој пат не настапија единствено, организирајќи протести на различни локации. 

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), го одбележа Денот на трудот – 1 Мај со протест во центарот на Скопје, во зградата каде што се наоѓаат нивните простории, според сите протоколи – со заштитни маски и потребното растојание.

„Кризата само ја забрза потребата да се обезбедат приоритетите на работниците во државата, а тие синдикатите здружени во ССМ бараат на работниците да им се гарантира пристојна работа и место во општеството кое го заслужуваат со својот придонес и труд“, истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

ССМ бара донесување нов закон за работни односи со европски стандарди кој ќе содржи договорите за вработување на определено време да се најмногу до една година, породилното отсуство да трае 12 месеци, а КОВИД -19 да биде професионално заболување платено со стопостотен надоместок. Едно од барањата е да се укине членот од Законот за работни односи за контролен период кој овозможува работникот да работи прекувремено без престан, а за прекувремената работа да не биде платена, а во компаниите со над 30 работници работничките права да се регулираат со колективен договор. ССМ не отстапува и од барањето за зголемување на минималната плата која треба да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, како и пензионирање по повеќе основи – старосна пензија, пензија по години на стаж и можност за предвремена пензија. 

Дел од проблемите предизвикани од пандемијата со Ковид-19 допрва ќе станат видливи, истакна Ирена Силјановска, претседателка на Секцијата на млади при ССМ, која побара од надлежните не само декларативни заложби, туку реално да обезбедат поголема заштита на работнички права и сигурни и безбедни работни места, поголема и социјална економска сигурност, како и инклузивност во процесот на креирање и имплементирање на младинските политики. Дотолку повеќе што, како што истакна, од вкупната бројка на лица кој остана без работа како резултат на кризата речиси 30 отсто се млади под 29 години.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) своите барања ги истакна пред Владата за што достави и првомајски манифест. Економската и социјалната положба на работниците е дополнително влошена за време на пандемијата, пред се поради тоа што голем број работници ги изгубија своите работни места, истакна Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Од КСС побараа итно да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, понатаму да се усогласат платите по вертикала во согласност со покачувањата на минималната плата, исплата на К-15, односно регрес за годишен одмор за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор, но и за работниците на кои ова право им е регулирано со колективните договори. . Исто така, од КСС бараат формирање на солидарен фонд со кој ќе се обесштетат сите работници кои го изгубија своето работно место по кој било основ за време на пандемијата, почитување на Уставот, законите и колективните договори, како и да престане политичкиот притисок врз институциите кои ги спроведуваат или контролираат законите од областа на трудовото право . И од КСС бараат исплата  на сто отсто плата за оние кои се заразени со Ковид-19 на работно место или се во самоизолација и признавање за професионално заболување на Ковид-19 за сите работници во земјава.

За разлика од синдикатите, политичарите одд власта во пригодните обраќања акцентот го ставија на грижата која ја посветуваат на работниците и на мерките со кои беа зачувани многу работни места во услови на пандемија. Опозицијата, сосема спротивно – дека никогаш не било полошо.

Премиерот Зоран Заев во видео обраќање со кое го честита Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, рече дека работните места се на прво место, како и дека и покрај ударот од глобалната Ковид криза, платите продолжија да растат – и ќе растат понатаму.

„За неполни четири години минималната плата ја донесовме од 9.000 до над 15.000 денари. Тоа е повеќе од 6.000 денари месечно по лице, или 72.000 денари повеќе за секој работник годишно. И ќе расте. Платите особено пораснаа во здравството, образованието, но и во армијата, во полицијата и во социјалниот сектор. А со субвенциите за придонеси на фирмите, околу 200.000 вработени во реалниот сектор добија поголеми плати“, додава премиерот во обраќањето.

Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека не само на 1 Мај туку, во сите наредни 364 дена од годината силно треба да се залагаат за почитување на работничкиот труд, за заштита на работното место, за достоинствена плата и вреднување на работата на секој поединец.

„Градењето на рамноправна заедница која се грижи за доброто на сите свои граѓани и ја стимулира желбата за личен и колективен придонес е одговорност на секој од нас“, вели Џафери.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, порача дека трудот и работникот не биле никогаш толку погазени како сега.

Оваа година е најцрната економска година за Македонија. За една година во Македонија има над 60 илјади нови невработени, преку 6.000 компании кои ставија клуч на своите врати и скоро 600 илјади лица живеат во сиромаштија. Згора на сето тоа животот станува се поскап, цените на основните намирници растат, поскапуваат горивата и струјата, а со тоа и трошоците на секое едно семејство. Безнадежноста и чувството дека се оставени сами на цедило го одбележуваат овој 1-ви Мај“, вели Мицкоски во пораката, доадавјќи дека било време тоа да се промени, а поразите и неуспесите да се заменат со чесна работа, посветеност и стратегија која ќе донесе добробит, подобар стандард и вреднуван труд. (Фото: Борис Грданоски)