Под лупа дипломите од факултет и средно образование на вработените во МВР


Во Министерството за внатрешни работи се чешлаат дипломите на вработените и оние за стекнато средно образование меѓутоа и добиените дипломи за високо образование. Портпаролот на МВР Тони Ангеловски за „Независен весник“ вели дека работат на откривање на нови случаи на вработени со фалсификувани дипломи, под сомнение има, ама се анализираат. Најави дека наскоро, по завршувањето на постапката ќе бидат обелоденети детали.

„Не можеме да изнесеме детали за нешто што е во постапка, се работи на откривањето на нови случаи за кои има сомнение дека имаат фалсификувани дипломи“ рече Ангеловски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во јавноста излезе со информација дека во министерството биле откриени дури 40 вработени кои имале фалсификувани факултетски дипломи.Токму фалсификуваните документи им послужиле да стигнат до значајна функција во министерството. По откривањето добиле отказни решенија ама и кривични пријави.Освен тие кривични пријави биле поднесени  и до факултетите кои ги издале тие дипломи. Обелоденети случаи со фалсификувани дипломи има многу. Во јавноста запаметен е оној од пред  две години  со двајца раководни полициски службеници кои со „употреба на исправа со невистинита содржина“ успеле да станат професори со диплома.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Н. (45) од Куманово, началник на Одделение за криминалистичко разузнавачка анализа при СВР Куманово, против Т.П. (40) од Куманово, началник на Отсек за прикриени човечки извори на информации при СВР Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „поттикнување“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и З.К. (50) од Скопје, референт за студентски прашања на универзитетот „Свети Климент Охридски“ поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба“ во врска со продолжено кривично дело „фалсификување исправа“. Двајцата полициски службеници имале завршено висока школа во Косово, а во текот на 2005 година стапиле во контакт со третопријавениот,  го поттикнале да ги запише на Педагошкиот факултет во Скопје и да им обезбеди уверение за завршен факултет. Третопријавениот ја злоупотребил  службената положба на тој начин што во документацијата на Педагошкиот факултет и тоа во матичната книга на запишани студенти и во главната книга на дипломирани студенти незаконски оформил предмет со што им овозможил да се стекнат со уверение. Со ова, на В.Н. на 02.09.2005 година и изготвил уверение за завршен VII-1 степен со што се здобила со стручен назив-дипломиран професор, додека на Т.П. на 29.12.2006 година му изготвил уверение за завршен VII-1 степен со што се здобил со стручен назив-дипломиран професор По ова, првопријавената и второпријавениот ваквите уверенија ги употребиле  како вистинити во Одделението за заеднички работи при СВР Куманово.

Во досието со фалсификувани дипломи на Министерството отворен беше и случај за „употреба на исправа со невистинита содржина“ па така инспектор со фалсификат не само што успеал да  напредува во МВР, туку  станал и доцент. Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против М.М.(47) од Куманово за сторено продолжено кривично дело “употреба на исправа со невистинита содржина“, Б.Р.(46) од Скопје за сторено кривично дело “фалсификување исправа“, В.М.Н.(58) од Скопје за сторено кривично дело “фалсификување службена исправа“ и А.И.(38) од Штип за сторено продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Инспекторот лажната диплома ја користел  во повеќе наврати за да се стекне со подобра позиција , но истата ја користел и за да предава на неколку факултети. За него е поднесена кривична пријава. Во сето тоа помош имал од  раководителката за студентски прашања Б.Р. на еден универзитет во Скопје. Таа во електронското и материјалното досие на М.М. внела невистинити податоци дека тој, инаку главен инспектор во отсекот за странци и реадмисија во Регионален центар за гранични работи „Север“,  положил испит, по што изготвила уверение и го дала на потпис и потврдување кај деканот на Факултетот за правни науки и ректорот на универзитетот.Со тоа му овозможила  на инспекторот да се стекне со диплома за завршен прв циклус на студии. Тој, и покрај тоа што знаел дека наведеното уверение и диплома содржат невистинити податоци, ги употребил при запишување на втор циклус на специјалистички студии и втор циклус магистерски студии.

Во друг случај пак, евидентиран  во МВР е тоа дека со фалсификувана диплома, ама од средно образование  во  министерството работел С.М. заменик-началник на единицата „Алфи“.

„Независен весник“ неодамна работеше на оваа тема во која меѓу другото објави дека вкупно 136 граѓани употребиле лажен документ за 102 кривични дела од јануари лани до април оваа година. Дел од  нив искористиле лажни дипломи со цел  да се стекнат со подобра позиција на работното место, ама и за повисока материјална корист.Инаку за употреба на диплома или било која исправа со лажна содржина членот 380 од Кривичниот законик предвидува парична казна или затвор до три години.

Вероника Мароска-Леова