До вчера апсеа, сега ќе ни садат канабис пред прозорец


Земјиштето во населеното место во Општина Петровец, кое стана актуално по поплаките на жителите дека непосредно до нивните куќи ќе се сади канабис, имало12 сопственици кои го  продале на фирмата  „Сино-Био“ ДОО експорт- импорт, дознава „Независен весник“. Станува збор за земјиште што зафаќа површина од 16.663 декари. Еден од купувачите и сопственик на фирмата потврдува дека го купиле земјиштето и нагласи дека градежната механизација го раскопува за да постават ограда, по што ќе се прават оранжери, но што точно ќе садат се уште немаат утврдено. Сакаше да остане анонимен и додаде дека е само идеја да се сади марихуана на земјоделското земјиште.

„Ќе биде оранжерија. Дали ќе се одгледува марихуана или не, не сум овластен да кажам. Се работи за странска инвестиција. Градежните активности што се почнати се за оградување на земјиштето. Тоа е само идеја да се сади марихуана. Разгледуваме повеќе опции што ќе се прави со земјиштето. Наше право е да го оградиме, што ќе правиме понатаму, ќе бидеме во  консултациии . Доколку биде за канабис за медицински цели, ќе бидеме во консултација со Министерство за земјоделство и Министерството за здравство, доколку не може, ќе се сади друго“, рече еден од сопствениците на земјиштето од фирмата „Сино-Био“ ДОО експорт- импорт.

Решението од купопродажниот договор за земјиштето е потпишан пред десет дена. Градоначалникот  Општина Петровец, Борче Митевски, вели дека земјиштето  е префрлено на купувачите.

„Купопродажниот договор е заверен во Општина Петровец и потпишан од страна на градоначалникот. Еден примерок е даден на купувачите на парцелата,  другиот примерок е во архива. Земјиштето веќе е префрлено на купувачите. Тие со договорот треба да одат во катастар и да извршат упис на земјоделско земјиште. Што ќе прават сопствениците понатаму, ако планираат да садат канабис, за тоа  треба да добијат согласност од министерствата за земјоделство и здравство. Општината само го спроведува купопродажниот годовор на земјиштето“  вели Митевски.

Еден од поранешните сопственици на нивата велат дека добил пари од купувачот за неговиот дел.

„Во петокот ни исплатија по 6 евра од квадрат, за декар и 32 квадрата, “  вели Борис Петрушевски

Оние чии куќи се до нивата и натаму се загрижени, не сакаат да се сади марихуана во близина на нивното живеалиште и велат дека еден од сопствениците им го најавил тоа.

„Тука ќе се прави оранжерија за марихуана. Ми пречи ако биде така,  имам деца што ќе им кажам“, вели Билјана Харалампиева.

„Ние реагиравме кај градоначалникот, ама тој ни рече дека не е надлежен. Тука живееме 12 години и не сакам до мојата куќа да расте канабис. Соседот ни кажа дека сопственикот се пофалил дека ќе сади марихуана“, вели Мирјана Тонева.

Единствена  фирма  што има  дозвола во Општина Петровец  да  сади медицински канабис е „Фарма Роли“ и таа не се наоѓа во населеното место туку во индустриската зона Ќојлија. Другата  компанија  на која посочуваат жителите на Петровец  дека ќе сади канабис во ова населено место засега нема  поднесено барање и нема дозвола да сади марихуана, децидни се од министерствата за земјоделство и здравство.

“Министерството за здравство по претходно добиена согласност од Владата на  Македонија има издадено одобрение на 31.07.2018 година за одгледување на канабис за медицински цели на фирмата „Фарма Роли“ во индустриска зона Ќојлија, општина Петровец. За оваа компанија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има издадено дозвола за садење на медицински канабис. Тоа е единствената фирма во оваа општина што има дозвола. За друга компанија во оваа општина не е издадено дозвола,“ подвлекуваат од министерствата за земјоделство и здравство.

Иако до министерствата за земјоделство и здравство испративме  прашање каде може сѐ да се сади марихуана и дали  е дозволено да се сади во населено место, во нивниот одговорот тоа не се прецизираше. Тие не одговорија исто така дали  законската регулатива воопшто предвидува во населено место да може да се одгледува марихуана.

Од министерствата подвлекоа дека согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции  дозволено е одгледување на канабис во медицински или научни цели.Одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата. Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство издава дозвола за садење на медицински канабис по претходно добиено решение за одгледување на медицински канабис издадено од Министерство за здравство.

„Правното лице е должно да ги исполнува условите пропишани во член 29-б од овој закон. Барањето за добивање одобрение за одгледување на канабис се поднесува до Министерството за здравство и истото содржи: основни податоци за подносителот на барањето, назив на правното лице, седиште, локација на површината каде што ќе се одгледува канабисот. Кон барањето се приложуваат  доказ за запишување на правното лице во Централниот регистар на  Македонија; доказ за сопственост на просторот, површината на којa, се одгледува канабисот или договор за закуп или имотен лист, елаборат/план за одгледување на канабис,  четири вработени лица и доказ за платена административна такса“, објаснија од министерствата.

Согласно законот, просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, со бринов елемент пред оградата и бодликава жица над оградата. Ограничувања во однос на засадени површини на канабис за медицински цели нема.

 

                                        Се подготвуваат уште две парцели за канабис

Во индустриската зона во Општина Петровец  уште две локации се подготвуваат  за одгледување на канабис. Градоначалникот Борче Митевски нагласува дека околу  земјиштето веќе е поставена ограда.

„Во индустриската зона веќе две парцели во индустриската зона се подготвуваат  да ги задоволат стандардите пропишани од Владата, а тоа е со мрежа, камери сите услови кои треба да ги исполнат за да можат да одгледуваат канабис“, вели градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски.

 

                          Одобрение за одгледување на канабис добиле 13 фирми

 

НЈСК ХОЛДИНГ ОД СКОПЈЕ

МЕДИКАЛ 420 ОД БИТОЛА

ОАЗА АЛКАЛОИДИ ОД ШТИП

МУМ ОД СВЕТИ НИКОЛЕ

КАБА ХЕРБАЛ ОД УЛАРЦИ, КОЧАНСКО

ФАРМА МЕДИКА КАНАБИС ОД ВАЛАНДОВО

Ф&М ОД ВРАПЧИШТЕ, ГОСТИВАР

АЦПВ ОД  БЕЛОВИШТЕ,  ГОСТИВАР

ФАРМА РОЛИ, ЌОЈЛИЈА СКОПЈЕ

5 ЛЕТЕРС РЕСЕН

КАНАБИС ПРО БОСИЛОВО, СТРУМИЦА

ТХЦ КУАЛИТИ ГРОУП ДЕБРЕШТЕ, РОСОМАН

ГРЕЕН ЛИФЕ ЈОСИФОВО, ВАЛАНДОВО

 

 

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер