Вработените во студентскиот дом во Пробиштип седум месеци не зеле плата

Само два ученика се сместени во Државен студентски дом „Доне Божинов“ во Пробиштип иако во конкурсот за прием на студенти се предвидени 130 кревети. Намален е и бројот на корисници на народната кујна, каде што се приготвува храна за социјално ранливи лица, вели градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов. Нерентабилното работење на студентскиот дом, според него, најверојатно ќе значи и затворање на домот во текот на наредната година. Вработените ќе бидат ангажирани во домовите во соседните општини.

„Бројот на социјално загрозените семејства или лица е драстично намален во текот на годините. Ако пред пет до шест години имаше 70 или 80 корисници на исхрана, сега се само седум или осум лица. Така што, поради нерентабилноста на работењето на „Доне Божинов“ и она што го имам последно како информација, а најверојатно домот ќе се затвори, а вработени ќе бидат распределени во домовите во соседните општини“, вели Анастасов.

Додека се прават планови каде ќе бидат распределени вработените од домот и се чека на конечна одлука од надлежните дали ќе се случи тоа, извори од службите на домот за „Независен весник“ велат дека секојдневно во кујната на домот се готви храна што ја добиваат 30-ина социјално ранливи лица, а не седум-осум, како што изјави градоначалникот. Загрижени се својата егзистенција по најавите за затворање на домот. Велат дека во него има осуммина вработени: готвач, мијач на садови, магационер, хигиеничар, книговодител, двајца воспитувачи и директор. Сакаа да останат анонимни, но потенцираа дека не примиле плата седум месеци. Објаснуваат дека домот се самофинансира од средствата што ги добива институцијата за сместените ученици.

„Немаме земено плати за седум месеци оти нема прилив на средства. Во разговори со Министерството за образование и наука, тие се обврзаа дека ќе ги исплатат заостанатите плати. Речиси сите вработени сме пред пензија, на возраст околу 60-ина години. Каде и во кои соседни општини ќе одиме на работа ако се затвори домот“, вели вработена од студентскиот дом „Доне Божинов“.

Дали поради нерентабилното работење студентскиот дом „Даре Божинов“ во Пробиштип ќе биде затворен? Каде ќе работат вработените од домот ако се донесе одлука за негово затворање? Кога осумте вработени во студентскиот дом „Доне Божинов“ ќе ги добијат заостанатите седум плати? Овие прашања „Независен“ ги испрати до Министерството за образование и наука, но одговори до затворање на весникот не добивме.

 

Вероника Мароска-Леова