Џолев: Ќе има пресуди во догледно време


Иван Џолев, првиот човек на Кривичниот суд во Скопје во кој се водат најголемите предмети за организиран криминал и корупција и каде што им се суди на сите обвинети функционери од поранешната власт, е оптимист за конечните пресуди за случаите на висока корупција и организиран криминал, резултати кои Европскиот совет бара да се испорачаат до јуни 2019 година.

Во изјава за „Независен весник“, Џолев вели дека предметите што се водат во Одделението за организиран криминал и корупција се со задоволителна динамика. Џолев ги потенцира пресудите што се донесени за предметите поднесени од специјалното јавно обвинителство, а за останатите предмети порачува дека веќе се во завршна фаза.

„За предметите покренати по обвинение на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, како ‘Тифани’, ‘Тенк’, ‘Триста’, ‘Тврдина 2’, веќе е донесена првостепена пресуда, а за дел од нив по жалба постапувал и Апелацискиот суд во Скопје. Што се однесува до другите предмети, тие се водат согласно законските одредби и се закажуваат главни расправи по предвиденото темпо, па така дел од предметите, кои и вие ги следите, веќе се во завршна фаза и се очекува за нив во догледно време да биде објавена првостепена пресуда“, вели Џолев.

Во постапките, според Џолев, судот води сметка за правата на обвинетите како и правото на судење во разумен рок.
„Судиите при Основниот суд Скопје 1 ги прават сите напори за непречено одвивање на судските постапки, за почитување на законите и правата на странките со што придонесуваат за максимално исполнување на сите препораки за развој на судството, спроведување на реформите и почитување на човековите права во Македонија“, вели Џолев.

Освен за одговорност за прислушувањето, предмети што ги води СЈО, Европската Унија бара разврска и за крвавиот четврток, односно упадот што се случи во Собранието на 27 април.

Обвинителниот акт за овој случај беше оценет по три месеци од поднесувањето, а судењето е експресно закажано. Првото рочиште за овој случај судијката Добрила Кацарска го закажа на 22 август и обезбеди уште 37 термини за главна расправа.

Во судот вчера по четири месеци одложување конечно почна судењето за „Трезор“, случај што го отвори специјалното јавно обвинителство против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот разузнавач Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски.

Мијалков првпат пред судот се произнесе за вина за делата за кои го гони специјалното јавно обвинителство. Тој не се чувствува виновен за набавката на опремата за УБК, а пред судот не даде воведен говор, се повика на она што го кажаа неговите бранители.

Во судницата како докази на специјалното јавно обвинителство јавно беа пуштени прислушуваните разговори во кои се споменува фирмата „Финзи“, преку која се вршела набавката на електронска комуникациска опрема за УБК. Еден од разговорите е меѓу Сашо Мијалков и неговиот брат Влатко Мијалков, кој беше вработен во Царинската управа. Сашо Мијалков го предупредува неговиот брат да не се отвора опремата на Царина и му појаснува дека фирмата е „Финзи“.

Последен директор на оваа фирма беше Коста Крпач, кој во 2016 година беше најден застрелан во својот дом. Крпач беше помилуван од претседателот Ѓорѓе Иванов токму за случајот „Трезор“.

Судењето почна без поранешниот разузнавач Грујевски, кој е во бегство во Грција и за кого судот донесе одлука за овој случај да му се суди во отсуство. До судот конечно беше доставена и пресудата од Врховниот суд во Грција со која се одбива барањето за негова екстрадиција во Македонија.

Врховниот суд, како што е веќе објавено во јавноста, се повика на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов. Во образложението на пресудата стои дека кога била донесена одлука за помилување не постоел член со кој истата потоа може да биде поништена. Судот не зел предвид дека беа направени законски измени и потоа аболицијата беше поништена.

СЈО најави дека ќе докажува дека обвинетите го ставиле приватниот пред државниот интерес и со незаконска набавка на опрема го оштетиле буџетот за 800.000 евра.

Фросина Факова – Серафиновиќ