Џафери чека опозицијата да се врати на 9 јануари


Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува ВМРО-ДПМНЕ да се врати во парламентот на 9 јануари и да учествува на пленарната седница на чиј дневен ред е законот за употреба на јазиците.

На денешниот брифинг, Џафери соопшти дека Собранието ќе набави четири нови возила, а средствата за тоа се предвидени со новиот буџет. Тој рече дека парламентот користи возила заеднички со Владата и дека тоа влијае на самостојноста на законодавниот дом. Затоа ќе бидат набавени нови возила, исклучиво за потребите на парламентот.
„Голф 2 и пик-ап се единствени возила на Собранието. Ако тоа треба да биде лицето на Собранието, тогаш сликајте го“, рече Џафери.

За патните трошоци, Џафери рече дека една од опциите за нивно намалување е пратениците кои се надвор од Скопје да добијат службени станови.

„Една од варијантите е пратениците кои се надвор од Скопје, односно патуваат повеќе од 50 километри да добијат службени станови или пак да им се плаќаат кирии. Кога ги гледате патните трошоци, ви се чини дека со куп пари си отишле дома. Не е така. Не оди да ги казниме сите ако хипотетички некој злоупотребил патни трошоци. Државата формирала надзорна институција која го контролира буџетите. Трошоците се реални. Ова е пркса насекаде во светот“, додава Џафери.