Џафери: Партиите да си ги завршат обврските што ги презеле за ДИК


Разрешница за ДИК е одлуката на политичките партии да излезат од оние услови што ги поставуваат во однос на обврските што ги имаат преземено, изјави денеска претседателот на Парламентот Талат Џафери.

– Тоа е обврска на политичките партии по онаа процедура што е предвидена во Собранието, да ја иницираат. Немам потреба да чекам никого. Не е мој проблем што бара ВМРО-ДПМНЕ. Собранието има соодветна процедура. Партиите се обврзале на таков метод и со таков начин со измените на Изборниот законик да го вратат методот на избор на ДИК. Имајќи предвид дека консензуално го донесоа законот сметам дека би требало да се однесуваат во духот на законот кој што самите го донеле. За другите барања и потреби имаат можност секогаш да разговараат меѓу себе и кога ќе имаат договор за таквите работи не е пречка Собранието да ги реализира и тие меѓупартиски договори, посочи Џафери.

Тој потврди дека ги поседува сите механизми за да закаже седница, но оти работата би била бесполезна, затоа што според договорот на партиите, изменет е изборниот законик и воспоствена е пракса составот на ДИК да се гласа со двотретинско мнозинство.

– Механизми имам да дојдам до гласањето, но што доколку тоа што е гласано потоа не се почитува. Затоа обврска на политичките партии е да го спроведат она што го бараа, рече Џафери.

За тоа дали може да биде доведен во прашање референдумот, Џафери одговори негативно.

– Референдумот не може да се доведе во прашање, затоа што референдумот ќе се одржи во рамки на рокот од максимум 90 дена, односно минимум 60 дена од моментот кога ќе се донесе одлуката за референдум, дециден е Џафери.

Во однос на указот за Законот за ратификација на Договорот со Грција за името, кој претсдеателот Ѓорге Иванов не го потпиша, претседателот на Парламентот рече дека има намера да го испрати до „Службен весник“, но не кажа кога ќе го стори тоа.