Џафери направи од Иванов фуснота


Судирот на претседателот Ѓорге Иванов и опозицијата со парламентарното мнозинство, во врска со законите за ратификација на договорот од Преспа и за употребата на јазиците, доби нова димензија откако овие два документа конечно се објавени во „Службен весник“ – единствено со потпис на спикерот Талат Џафери и на еден од заменик-генералните секретари на Собранието. Местото предвидено за потпис на шефот на државата Ѓорге Иванов е оставено празно, а наместо тоа е објавена фуснота во која се објаснува дека шефот на државата не ја исполнил својата уставна обврска – да потпише закон што во два наврата е донесен од пратениците со потребното мнозинство.

Според најавите, кавгата околу стапувањето во сила на законите ќе продолжи во правосудните институции, со оглед на тоа што Иванов го прогласи за неуставно нивното објавување без негов потпис. Спикерот Талат Џафери, пак, не исклучи и можност за поведување нова постапка за импичмент за Иванов, кој ги троши последните пет месеци од својот втор претседателски мандат. Владејачкото мнозинство смета дека Иванов го прекршил Уставот со тоа што одбил да ги потпише указите, за што обвинителството отвори и предистражна постапка постапувајќи по анонимни пријави. Од Основното јавно обвинителство – Скопје велат дека работат на утврдување на фактите за овој предмет.

– По добиените податоци од Собранието и од кабинетот на претседателот, моментно се прибираат докази во форма на експертски мислења во поглед на тоа дали во чинот на непотпишување на указите постои евентуална кривична одговорност – изјавија вчера од надлежното обвинителство.

Според Иванов, со доставувањето на двата закона во „Службен весник“ е прекршен член 75 од Уставот на Македонија, со оцена дека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење.

– Имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и на ДУИ, која себеси се смета за проевропска – оцени Иванов во вчерашната писмена изјава. Според него, ова ќе покаже дали во Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото. Иванов прашува и дали високите претставници на меѓународната заедница, кои, како што вели, ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување закони. Дали ќе ги поддржат овие, како што наведува, преседани, што, според него, носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава.

Според Џафери, пак, Иванов со непотпишувањето на двата закона не ги исполнил неговите обврски што произлегуваат од Уставот и направил злоупотреба на службената должност.

– Не чувствувам никаква одговорност за тоа што сум го презел како претседател на Собранието. Јас му дадов доволно време за двата указа, за првиот за Законот за јазици имаше една година, а за другиот шест месеци. Јас го презедов тоа што е во мојата институционална надлежност и не сметам дека сум прекршил нешто – рече Џафери.

Слично како и Иванов, од ВМРО-ДПМНЕ најавија вчера дека ќе поднесат кривична пријава проти Џафери и директорот на „Службен весник“, како и дека ќе покренат иницијатива до Уставен суд за Законот за употреба на јазиците. Во овој контекст, спикерот смета дека претседателот на државата ги помешал лонците и вели дека се е направено според одредбите од собранискиот Деловник.

– Иванов не е тој што ќе покрене постапка против законодавната власт, туку таа ќе побара одговорност од него. Не кажав дека ќе побарам импичмент, но надлежноста на законодавната власт е да побара одговорност од претседателот. Тоа е надлежност на пратениците и тие можат да поведат импичмент за претседателот – истакна Џафери.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на прес-конференција која беше главно посветена на Законот за јазици, ги повика сите институции на централно и на локално ниво да ја бојкотираат имплементацијата на, како што рече, овој неуставен и штетен закон.

– Со овој Закон се урива уште еден темел на Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници што живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо – рече Јанушев.

Џафери, пак, на прашање кога ќе се сменат називите на институциите, согласно новиот Закон, рече дека е прецизно укажано дека е даден рок од шест месеци за спроведување на тие измени.

Генерално, објавувањето на Законот за јазиците во „Службен весник“ крена многу поголема прашина отколку истовременото стапувањето на сила на Законот за ратификација на преспанската спогодба. Реагираше и Петар Богојески од реформското крило на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше еден од поддржувачите на договорот со Грција како шанса за евроатлантските перспективи на земјата. Преку Фејсбук, Богојески оцени дека објавувањето на Законот за јазици во „Службен весник“ значи силување на правната држава.

– Овој акт на самоволие директно ја попречува интеграцијата на Македонија во ЕУ. Судската власт во Македонија да преземе итни мерки за заштита на правниот поредок – забележа Богојески. Наспроти тоа, веста за објавувањето на Законот за јазици предизвика еуфорија во кругови на ДУИ. Организацискиот секретар на партијата Артан Груби, пак, излезе со оценка дека ВМРО-ДПМНЕ треба први да стават двојазична табла на своето седиште.

– Сите чекори што ги направија од 2016 година им се погрешни. ВМРО-ДПМНЕ погрешно се построи за ЕУ и за НАТО, за договорот од Преспа и за Законот за јазици. Тие треба да се надминат себеси и први да стават двојазична табла на своето партиско седиште – рече Груби.

Александра М. Митевска

 

Законот за јазици ја засилува двојазичноста

Со Законот за употреба на јазиците е предвидено дека во сите органи на државната власт во Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо.

Од „Службен весник“ на Македонија појаснија дека двата закона се објавени согласност со член 52, став 2 од Уставот на Македонија, според кој законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник“ најдоцна во рок од осум дена од денот на нивното донесување. Согласно тоа, се наведува во соопштението, а во врска со член 51, став 2 од Уставот во кој се вели „секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите, само ја исполнува уставната обврска. Од ЈП „Службен весник“ наведуваат дека претпријатието е професионално и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед, како и дека за секој обид за нарушување на угледот ќе биде поведена соодветна судска постапка.