Џафери – летeчки спикер


Претседателот на парламентот, Талат Џафери, од вчера е во работна посета на САД, каде што утре, на покана од конгресменот Роберт Питинџер, ќе учествува на парламентарен безбедносен разузнавачки форум, што ќе се одржи во Вашингтон. Како како што соопштија од парламентот, Џафери ќе се сретне со повеќе конгресмени и претставници од Стејт Департментот.
Џафери предводи делегација од неколкумина пратеници, а ова е негово второ службено патување за само една седмица, во ситуација кога во парламентот им се одземени имунитетите на шестмина опозициски пратеници и судот им одреди мерки притвор. Спикерот не беше во Македонија ниту минатата недела, кога се случија приведувањата на осомничените за настаните на 27 април. На 27 и 28 ноември, тој беше во официјална и главно протоколарна посета на Шведска, каде што беше исто така придружуван од група пратеници.
Честите патувања на Џафери се случуваат во време кога парламентарното раководство не е комплетирано и кога не се избрани потпретседатели на парламентот, кои би можеле да го заменат при водење на седниците, но не и да закажат седница – што е надлежност само на првиот парламентарец. Така, и минатата седмица се чекаше Џафери да се врати од Шведска – за да парламентот и надлежната Комисија можат да постапуваат по барањето на судот за одземање на имунитетот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено, и сопартиецот на Џафери, Артан Груби, кој е претседател на Комисијата за европски прашања, мошне често патува во последно време. Тој, вчера, со средби во седиштето на НАТО, ја почна дводневната посета на Брисел, каде што престојуваше и пред две седмици. Тогаш тој ја откажа седницата на Комисијата за европски прашања, на која требаше да се разгледуваат амандманите на предлог-законот за јазиците. На пат вчера беше и премиерот Зоран Заев, стигна најава дека ќе замине и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска а шефот на дипломатијата Никола Димитров откако беше во САД не е виден во државата.
Дипломатите во земјата веќе коментираат дека македонските функционери премногу патуваат место да се фокусираат на реформската агенда. (А.М.М.)