Џафери ги распиша претседателските избори


Претседателот на Собранието,Талат Џафери пред малку стави потпис на решението со кое ги распиша претседателските избори.

Првиот круг на шестите претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а вториот круг на 5 мај.

– Треба да оржиме избори какви што и доликуваат на европска демократска држава. Апелирам до сите учесници во изборниот процес да се однесуваат според Уставот и законите, а надлежните институции да се погрижат тој ден да помине во свечена и деморкатски атмосфера – рече Џафери.

Согласно Изборниот законик, не треба да поминат повеќе од 90 и не помалку од 70 дена од распишување на изборите до денот на нивно одржување. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.

Политичките партии досега немаат објавено кандидати за претстојните претседателски избори. Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ своите кандидати решија да ги избираат преку јавен оглас.

Од СДСМ се уште немаат соопштено дали се пристигнати кандидатури. Генералниот секретар Александар Кирацовски потврди дека процесот е во тек и оти на партиски конгрес на 3 март ќе биде официјалниот избор на кандидатот.

На огласот, пак, на ВМРО-ДПМНЕ пристигнале 10 кандидатури од кои една по истекот на рокот, по што партијата ги објави имињата на кандидатите од кои на конвенција на 16 февруари ќе изберат еден кој ќе влезе во трката за шеф на државата.

Од ДУИ иако велат дека имаат официјален став дека на изборите може да настапат со свој кандидат, сепак, оставаат можност пред истекот на рокот за поднесување на кандидатурите да постигнат и друго решение. ДУИ, вели пратеникотн Џевад Адеми, е комотен има и кандидати и квалитети и опции. И некои од помалите политички партии најавија дека на изборите ќе одат со свои кандидати.