Ќука: Грчките колеги се солидаризирале со македонските новинари кои беа спречени да влезат во Пела


Грчката полиција ги вратила назад македонски новинари, кои се упатиле кон Пела да ги проследат протестите на движењето за грчкиот карактер на Македонија. Образложението било дека постои безбедносен ризик, а грчките служби се повикале на соопштението испратено од македонското МНР. Во него министерството ги предупреди македонските граѓани на протестите и безбедносните ризици.

Новинарот и уредник на Радио Слободна Европа на македонски Зоран Ќука,  вели дека тоа сепак значи попречување на работата на медиумите, бидејќи настанот бил од голем интерес не само за Грција, туку и за Македонија.

-Грчките колеги се солидаризираа со нас. Освен тоа што јавија за странските медиуми за тоа што ни се случи, денеска пишуваат и грчките медиуми за тоа. Многу чесно, од нивен аспект, од колегијален аспект си ја завршија работата. Полицијата секогаш може да најде оправдување за да не не пушти, рече Ќука во интервју за „1ТВ“.

Тој смета дека доколку екипата на Радио Слободна Европа била нападната на собирот во Пела на крајнодесничарите, тоа можеби ќе било искористено за дипломатски препукувања.

-Ако се случеше инцидент, тоа ќе беше голема вест, но пак ќе кажам, ако почнеме да размислуваме така како новинари, тогаш никаде не треба да одиме. Нашата работа не е да ги штитиме државите или политиките на одредени владејачки гарнитури или опозиции во одредени земји, наше е каде што има настан од интерес на јавноста, тоа да го покриеме. Не е само нашата професија ризична, вели Ќука.

Според коментарите, како што вели, овие протести во Грција не се оценети како многу успешни бидејќи не биле масовни колку што се надевале организаторите, па може да се очекува да немаат пресудно влијание.