Заев и Груевски денеска на суд


Во ист термин, но во различни судници, претпладнево во Кривичниот суд во Скопје треба да продолжат процесите против актуелниот премиер Зоран Заев и против поранешниот и долгогодишен премиер Никола Груевски. Заев треба да се појави на рочиштето за случајот „Поткуп“, а Груевски на судењето за „Шамарите во општина Центар“.
На минатото рочиште за „Поткуп“, судијката Дијана Груевска -Илиевска го одби предлогот на адвокатите снимките од посебните истражни мерки да се отстранат од доказите, бидејќи уште пред да бидат презентирани во судница беа објавени на неколку медиуми. Според обвинителниот акт за случајот „Поткуп“, кој беше отворен кога Заев почна да ги објавува „опозициските бомби“, актуелниот премиер, во својство на службено лице, односно градоначалник на општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов побарал поткуп од близу 164 илјади евра, односно по две евра за еден метар квадратен за приватизација на градежно земјиште за изградба на црква. Еден од основните аргументи на одбраната на Заев е дека тој не ги примил парите за кои се товари за поткуп, а постапките за откуп на градежното земјиште биле законски завршени.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, утре треба да седне на обвинителна клупа за „нарачаните шамари“ за поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски. Покрај Груевски, за овој случај, кој произлезе од „опозициските бомби“, обвинети се уште 13 лица, меѓу кои екс министерот Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова.Груевски е обвинет за поттикнување на насилството што се случи во јуни 2013 година пред општина Центар. А.М.М.