Ќе се реконструира покривот на Заводот за нефрологија во Струга


За неколку дена ќе биде распишан тендер за реконструкција на покривот на Заводот за нефрологија во Струга, најави при денешната посета заменик-министерот за здравство Асим Муса. Проектот за реконструкција на покривот, како што истакна, бил подготвен уште додека тој бил директор на установата, но поради изборите бил пролонгиран. Посочи дека освен покривот дека ќе се менуваат и вратите, прозорците, подовите, а ќе се реконструираат салите.

– Министерот изрази подготвеност освен кровот да се реконструираат и други работи во Заводот. Зградата е од 1985 година и потребна е промена на вратите, прозорците, подовите, ентериерот, ќе се реконструираат салите за дијализа и рибарската куќа, изјави Муса, нагласувајќи дека тоа ќе се врши етапно, а службите ќе проценат за приоритетноста.

Тој потсети дека Министерството прави се за задоволување на потребите во здравствените установи и оти во тек е вработување стручен кадар онаму каде што е потребно, а најави и зголемување на платите на здравствените работници.

– Масовно се вработува во здравствените установи да се задоволат потребите, а ќе се зголемуваат и платите, за да не бега кадарот надвор од земјата. Зголемени се коефициентите за лекарите, а од октомври, ноември ќе почне зголемување по 15 отсто за сите здравствени работници, истакна Муса.

Додаде дека установата располга со 10 нови апарати за дијализа, има потреба за обновување и на останатите и ќе бараат начин за набавка на нови.

Во Заводот за нефрологија во Струга дневно на дијализа одат над 60 пациенти.