Ќе се избира директор на Агенцијата за „двојазичност“


Конкурсот за избор на директор на Агенцијата што ќе ја спроведе двојазичноста, согласно со новиот Закон за употреба на јазиците, завршува утре. Јавниот повик го распиша владата, а точното име на новата институција е Агенција за спроведување на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Македонија. Заинтересираните кандидати имаа рок од пет дена да се јават на конкурсот.
Спроведувањето на новиот Закон ќе почне наскоро, за што владата, на вчерашната седница, донесе и одлука за формирање на меѓуресорска работна група. Како што се соопштува, ова тело ќе има обврска, во рок од 15 дена, да подготви акциски план за спроведување на Законот за употреба на јазиците. Меѓуресорската работа група, потоа, ќе ја следи динамиката на реализација и имплементација на акцискиот план и ќе им дава насоки на институциите во функција на координирање, организирање, имплементирање и операционализирање на мерките и активностите од тој план.

Членови на меѓуресорската работна група се генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, неговиот заменик, државните секретари во министерствата за правда и финансии и во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор; секретарот на Секретаријатот за законодавство, како и претставници од Канцеларијата на претседателот на Владата и од Собранието на Македонија.
Согласно Законот за употреба на јазиците, меѓу другото, наскоро треба да се заменат таблите на државните институции, чии називи отсега ќе бидат напишани и на македонски и на албански јазик, а на нив ќе стои и новото име на државата Република Северна Македонија.