Ќе му дише ли Села во врат на Османи


Дали Владата ќе добие уште еден член, односно шестти вицепремиер, зависи од договорот што ќе го постигнат лидерите на СДСМ и на „Алијансата за Албанците“, Зоран Заев и Зијадин Села во наредните денови. Според информациите, од исходот на нивните преговори зависи дали СДСМ ќе преземе уште еден владин ресор – Министерството за здравство.
Неофицијалните информации, кои датираат од поодамна, дека на Села му е понудено заменик-премиерско место во кабинетот на Заев, сега се засилени со најава дека, всушност, станува збор за нова функција – вицепремиер за спроведување на реформите. Ова е понудата што, неофицијално, ја добила „Алијансата за Албанците“ како замена за министерското место за здравство, што е испразнето веќе два месеци, откако Арбен Таравари се кандидираше и беше избран за градоначалник на Гостивар.
Според одредени информации, новата вицепремиерска функција му е понудена лично на Села, како можност за негов трансфер од парламентот во извршната власт.
Од „Алијансата за Албанците“ вчера не можеше да се добие официјална потврда за ваквите наводи.
„Немам информации за тоа. Официјално не сме добиле таков предлог досега“, ни изјави Фљакрон Беџети, портпарол на партијата на Села.
Најавите дека СДСМ ја „мерка“ челната позиција во Министерството за здравство се исто така од постар датум. Наспроти информациите дека фаворит на „Алијансата за Албанците“ за овој ресор е Вулнет Ферати, лекар од Тетово, како можен кандидат за министер за здравство од редовите на СДСМ се спомнува неврохирургот Венко Филипче, кој е ангажиран како советник за здравство на премиерот.
Заев завчера меѓу редови најави можност „Алијансата“ да отстапи од Министерството за здравство посочувајќи дека тоа место го добила поради професионалниот „бекграунд“ на Таравари.
„При првичната распределба, здравството ѝ беше дадено на ‘Алијансата за Албанците’, но заради доктор Таравари, кој беше прифатлива личност за медицинскиот персонал“, изјави Заев.
Тој посочи дека разговорите меѓу коалициските партнери се концентрирани на пополнување на министерската позиција во здравството и дека не се работи за некои, како што рече, други рекомбинации на Владата.
Заев има моментно пет заменици во Владата. Покрај министрите за одбрана и за внатрешни работи, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, вицепремиери се и Кочо Анѓушев (за економски прашања) и кадрите на ДУИ, Бујар Османи (за евроинтеграции) и Хазби Лика (за спроведување на Рамковниот договор). Функцијата вицепремиер за реформи би била иновација на „Илинденска“ и несомнено е дека би имала специфична тежина, со оглед на крупните реформи што се најавуваат под мониторинг на Брисел, а за кои Заев бара вклученост и на опозициските партии при нивното имплементирање во парламентот.
Во последниот период од ЕУ стигнаа повеќе пораки дека новата влада треба да се посвети на реформите, а имаше и критики за тоа како се одвива процесот за одредени прашања, посебно за судството и за разузнавачките служби.
Со оглед на тоа што процесот на исполнување на критериумите за приближување кон ЕУ главно се одвива преку Секретаријатот за европски прашања, познавачите на состојбите се скептични како би функционирал потенцијалниот двоец Села-Османи, доколку се потврдат информациите дека на „Алијансата“ ѝ е понудено вицепремиерско место за спроведување на реформите и доколку таквата наводна понуда биде прифатена. Тогаш, новиот член на Владата од редовите на „Алијансата за Албанците“ би бил по автоматизам упатен на тесна соработка со вицепремиерот за европски прашања, во ситуација кога се зголемени несогласувањата меѓу ДУИ и партијата на Села, пред сѐ како резултат на конкурентската битка меѓу двете партии на неодамнешните локални избори.

Показател во таа насока е и вчерашната реакција на „Алијансата за Албанците“ дека неколку десетици вработени во општина Струга, во најголем дел примени во времето кога Села беше градоначалник, се преместени на други работни места, во простории каде што нема ниту основни услови за работа. Како што јави „Алсат М“, од „Алијансата“ обвинуваат дека новата локална власт спроведува политички реваншизам.
Како резултат на трансферите што се случија од извршната во локалната власт, во владиниот кабинет треба наскоро да се пополни и едно министерско место без ресор (ДУИ), откако Рамиз Мерко стана градоначалник на Струга, а негов ривал беше Села. Празно е и заменик-министерското место во образование (исто така ДУИ), откако Висар Ганиу е избран за градоначалник на Чаир. Според тоа, претстојните промени во кабинетот на Заев ќе бидат на ниво на мини-реконструкција, особено ако се воведе нова вицепремиерска функција и ако СДСМ го преземе ресорот здравство.
Комбинаториките околу составот на кабинетот на „Илинденска“ се очекува да се растегнат уште неколку дена, со оглед на тоа што Заев овие два дена е на службен пат во Брисел, а Села е во собраниската делегација која го придружува спикерот Талат Џафери во Вашингтон. Иако лидерот на СДСМ најави и пред централниот одбор на партијата дека одлуките околу промените во владиниот тим ќе се донесат до крајот на ноември, најавениот рок е веќе пробиен.

Александра М. Митевска