Ќе има ли работни саботи за учениците, за продолжениот зимски распуст?


Владата попладне донесе итна мерка за продолжување на зимскиот распуст за два дена, заклучно со 22 јануари (вторник), поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Македонија, како и метеоролошките прогнози за следните денови.

„Одлуката се однесува на сите ученици од сите јавни и приватни основни и средни училишта во Република Македонија, а е донесена преку итна координација на Министерството за образование, Министерството за животна средина и Министерството за здравство. Училиштата ќе бидат во функција, учениците нема да посетуваат настава во наведениот период“, соопшти прес-службата на Владата.

Владата претходно соопшти серија мерки поради алармантното загадување на воздухот, со кои ги задолжи надлежните министерства.

Заменик-министерот за образование Петар Атанасов вели дека по препораките на Министерството за животна средина донесена е мерка децата да се ослободат од настава, односно да се продолжи распустот за два дена, а вработените во образовните установи ќе одат на работа.

„Второто полугодие ќе продолжи во среда на 23 јануари. Доколку има и натаму висока загаденост, ќе излеземе со нова информација. Деновиве ќе информираме дали учениците ќе ги одработуваат деновите од продолжениот зимски распуст бидејќи училиштата се во функција“, вели Атанасов.

(В.М.Л.)