Ќе договорат ли СДСМ и ДУИ консензуален кандидат? Базата смета и на Заев и на Црвенковски


Покрај четирите имиња што се споменуваат како најсериозни можни кандидати за шеф на државата – Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Стево Пендаровски, членството на СДСМ има и други адути за претседателската функција. Во дел од месните организации на партијата, според наши информации, како можни кандидати биле предложени и партискиот лидер Зоран Заев, па дури и поранешниот лидер и шеф на државата Бранко Црвенковски.
За разлика од Црвенковски, кој подолго време е на целосна дистанца од политиката, освен што минатата седмица се појави на средба на новоформираниот Подгорички клуб на поранешни претседатели и премиери од регионот, актуелниот премиер Заев во повеќе наврати излегува со изјави дека не планира да се сели од „Илинденска“ на Водно. Последната негова изјава во тој контекст е дека би бил идеален консензуален кандидат, ама дека е сè уште млад за претседател.
Затоа, пак, вицепремиерите Шекеринска и Спасовски, како и шефот на дипломатијата Димитров и координаторот за НАТО, Пендаровски и натаму се во тесна трка за добивање на партиската кандидатура, на што во одредена мера ќе влијаат и предлозите што ќе стигнат од терен во централата на СДСМ. Во месните организации на партијата, според информациите, постапката за евидентирање на можните кандидати почнала да се реализира пред неколку дена и досегашните номинации, особено во Скопје, ги фаворизираат исто така имињата што најгласно се спомнуваа досега. До средината на овој месец процесот на предлагање можни кандидати треба да продолжи и во општинските организации, каде што треба да се сумираат и резултатите од месните организации. Огласот за самокандидирање, пак, што го распишува партијата барем за претседателски избори е главно со цел да се запазат процедурите, така што не значи дека ако некој не се јавил на конкурсот не може да биде кандидат.
СДСМ со години наназад практикува ваква процедура за избор на кандидати за функции за сите изборни циклуси. Иако предлозите од базата не се одлучувачки, сепак, се земаат предвид при изборот на кандидатите, прво во рамки на централниот одбор на партијата, додека последната „адреса“ е партискиот конгрес. За престојаните претседателски избори конгресот на СДСМ е закажан за 3 март. Дотогаш се очекува и одлука дали партијата ќе влезе во изборната трка заедно со ДУИ, чиј лидер Али Ахмети деновиве ја врати во игра идејата за консензуален кандидат – повторно ретерирајќи по ова прашање, со оглед на тоа што пред десетина дена беше најавен самостоен настап на „интегративците“ – односно напуштање на принципот за кој се залагаа уште од изборите во 2014 година.
Сепак, и по најновата средба Заев – Ахмети, нема поконкретен договор меѓу коалициските партнери во владата за заеднички настап на претстојните избори, за разлика од локалните избори во 2017 година, кога двете партии лесно се договорија за меѓусебна поддршка во општините со мешан етнички состав. Функционер на СДСМ вели дека се прават напори за постигнување договор со ДУИ, ама дека процесот е сложен. Во изјава набрзо по средбата што ја имал со Заев, Ахмети отворено посочи дека има недоразбирања меѓу двете владејачки партии. Сепак, тој вели дека е добро за државата да има консензуален кандидат за претседател.
– Ја анализиравме целата ситуација. Остана јас да дискутирам, да го отворам тоа како прашање во партиските органи и да се види можноста за некаков пат за санирање на недоразбирањата што се случија меѓу нашите партии за да можат да се надминат. И за доброто на земјата би било да имаме заеднички кандидат и да се разговара со сите политички субјекти за да се постигне консензус – изјави Ахмети.
Тој додава дека ако се надминат недоразбирањата меѓу ДУИ и СДСМ, ќе се дискутира и за можните имиња за кандидат. Лидерот на ДУИ не мисли дека ќе има предвремени избори бидејќи, според него, државата има многу поважна агенда. (А.М.М.)